Малтешката влада има интересна понуда за младите возачи кои се подготвени привремено да се откажат од возењето. Имено, нуди 25.000 евра за оние кои ќе се откажат од својата возачка дозвола на пет години.
Целта на оваа државна програма е да се намали растечкиот број автомобили на патиштата и да се ублажи сообраќајниот метеж.
Малтешкиот министер за транспорт, Крис Бонет, моментално одбива да објави податоци за тоа колку млади возачи аплицирале за програмата. Тој само во принцип рече дека вредноста на примените апликации надминува 50 проценти од вкупниот износ планиран за програмата, но не даде прецизни бројки.
„Постои интерес. Моментално проверуваме голем број апликации и, штом ги имаме резултатите, ќе објавиме сè“, рече тој.
Програмата предвидува возачите на возраст од 18 до 30 години доброволно да се откажат од својата возачка дозвола на пет години. За возврат, тие би добиле грант од 5.000 евра годишно од државата, или вкупно 25.000 евра во текот на пет години.
Според информациите објавени на веб-страницата на Малтешката агенција за транспорт, годишниот буџет на програмата е 5 милиони евра, што е доволно за финансирање до 1.000 кандидати.
По тој период, можно е повторно да се аплицира за возачка дозвола, но под услов кандидатот да има поминато најмалку 15 часа возење во овластена автошкола. Постои уште една замка: ако некој одлучи повторно да вози пред да истечат петте години, ќе мора да ги врати сите добиени пари.
Апликациите за учество во програмата се отворени до крајот на јуни.

