Во белрадската населба Земун вечерва се случи вооружен напад во кој е ранет 38-годишен маж, а полицијата интензивно трага по напаѓачот.

Инцидентот се случил околу 21:30 часот во улицата „Џон Кенеди“, во близина на гаража, каде според очевидци се слушнале најмалку шест истрели.

Според првичните информации, ранетиот маж бил погоден во пределот на левата потколеница и веднаш бил пренесен во болница, каде му е укажана лекарска помош.

Неофицијално, станува збор за лице со иницијали В.Л. (38), кое ѝ е познато на полицијата од претходно, а во моментот на нападот наводно било на викенд-отсуство од издржување затворска казна.

Сведоци тврдат дека ранетиот бил пронајден како лежи покрај автомобил, додека полицијата веднаш го обезбедила местото и започнала потрага по напаѓачот, кој сè уште не е пронајден.

Истрагата е во тек, а мотивите за нападот засега не се познати.