Во Истанбул денеска се случи сериозна несреќа откако две згради се урнаа по силна експлозија, најверојатно предизвикана од истекување на гас.
Инцидентот се случил во централниот дел на градот, во населбата Фатих, каде веднаш по експлозијата на терен излегле бројни спасувачки екипи, пожарникари и медицински служби.
Според првичните информации, повеќе лица останале затрупани под урнатините. Спасувачите досега успеале да извлечат неколку повредени лица, кои се пренесени во болница, а потрагата по останатите продолжува.
Очевидци велат дека се слушнала силна детонација, по што зградите се срушиле за неколку секунди, предизвикувајќи паника меѓу жителите.
Властите соопштија дека постои сомнеж дека експлозијата е предизвикана од природен гас, но точната причина сè уште се утврдува. Паралелно со спасувањето, започната е и истрага за несреќата.
Областа е целосно обезбедена, а голем број граѓани се собрале во близина додека спасувачките тимови работат во трка со времето за да ги извлечат преживеаните.
Надлежните апелираат до граѓаните да не се приближуваат до местото на несреќата и да им дозволат на службите непречено да ја извршуваат својата работа.

