Кој си ти да пријавуваш – го избркале од полициска станица кога сакал да пријави насилство врз Ивана, сведочеше Мартин Саздов на денешното рочиште во Кривичниот суд во Скопје на судењето на Стојанче Јовановски за смртта на неговите сопруга и ќерка, Ивана и Катја.
– Ивана сакаше да се реши убаво работата, да нема пријавувања – додаде, меѓу другото, сведокот, одговарајќи на прашања на одбраната.
Дали со Ивана правевте планови како да се ослободите од мене? Стојанче го праша Мартин, на што тој одговори – да. Но, Мартин рече не го местеле за дрога, прашан за подметната дрога во автомобилот.
Дали постојано ја присилувавте мојата сопруга Ивана да се дрогира, праша Стојанче, но Мартин рече дека Ивана му кажала оти Стојанче ја терал да се дрогира. – Никогаш не сум ѝ зборувал да се дрогира – рече Саздов.
Стојанче го праша зошто не пријавил во полиција кога го удрил со возилото и Мартин го удрил него со „калашников“ по рамото. На Мартин му било жал, па прифатил да се заборави тоа, а немало ништо со „калашников“.
Стојанче го обвини Мартин дека пратил некого да го тепа во затворот во Шуто Оризари, некој полицаец таму го тепал и му се заканувал во име на Саздов. – Јас не познавам таков човек и никогаш не сум бил во контакт со некој од затворот – одговори Мартин.
Стојанче праша како видеата меѓу Мартин и Ивана биле во неговиот телефон, со кои наводно уценувал. – Ивана ми пиша порака, те молам, прати ми ги видеата, многу ми е битно, потоа дознав Стојанче ја терал тоа да го напише – одговори Саздов.
Зошто ѝ се закануваше на мојата сопруга на денот кога се случуваше настанот дека ако не отиде во моментот кај мајка ѝ, никогаш во животот Ивана повторно нема да ја види Катја?, праша Стојанче. – Не можам да се заканувам со тоа дека можам да одземам нечие дете – одговори Мартин.
Стојанче рече дека во неговиот мобилен имало експлицитни видеа од Мартин и Ивана.
– Јас никогаш не сум ѝ се заканувал на Ивана откако ѝ ги пратив видеата. Таа ми рече дека Стојанче ѝ рекол дека ќе ги покаже на нејзините, на сите – рече, меѓу другото, Мартин.
Лично Мартин не видел дека Стојанче ја тепа Катја, но ја навредувал со „курва мала“ и дека и таа ќе стане како Ивана.
Ивана раскажувала дека Катја нешто му изела на Стојанче, па тој почнал да вика дома, објасни Мартин, прашан за тоа дали Стојанче се грижел за ќерката, кој давал пари за храна и слично.
Дали Ивана беше многу загрижена за одгледувањето на детето, каде ќе живее, праша судијата. – Да, беше загрижена, ми викаше цело време – Катја си ја сака собата. „Ако не сме тука во станот, каде ќе одиме?“ – тврди Мартин.
Според него, Ивана била во добри односи со мајка ѝ и брат ѝ до моментот кога ја натерале да се откаже од оставинската од татко ѝ поради ситуацијата со Стојанче.
Мајките на Ивана и на Стојанче носеле храна скришно за Ивана и Катја оти еднаш кога мајката на Ивана однела јадење, Стојанче го фрлил во канта, според денешниот исказ на Мартин во судницата.
Стојанче ја газел со нозете по стомакот, сведочеше Мартин, зборувајќи за повредите на Ивана, модринките и слично.
Потоа сведочеше дека дента на трагедијата, тие заедно се качиле во станот, сите четворица, но откако Ивана се заклучила, се симнале со Стојачне пред зградата. Таа му ѕвонела на сопругот, но тој не се јавувал. Потоа му се јавила на Саздов и му рекла Стојанче да го вклучи телефонот со камера. Саздов, за момент ја видел Ивана на балконот со Катја, извикал да не прави глупост и истрчал кон влезот, но слушнал само тап звук. Ја видел ивана крвава, а се надевал дека катја е горе, но потоа ја видел до неа. Почнал да вика да се повика брза помош, а Стојанче не скаал да погледне, туку истрчал кон булеварот.
Како сведок беше повикана Ивана Белчева. Таа рече дека не го познава обвинетиот, првпат го видела на 19 декември 2025 при излегување од маркет во Ѓорче Петров. – Забележавме луѓе што се расправаат – рече таа – а девојче плачело.
Со некоја мајка отишле да го смират детето. Се доближиле. Стојанче ја удрил Ивана во пределот на главата.
– Јас и жената застанавме помеѓу Стојанче и Ивана да ги разделиме – сведочеше таа – по што Белчева ја зела Катја во прегратки со цел да ја смири. Катја била видно вознемирена. Стојанче повторно ја удрил Ивана по главата и телото.
Била повикана полиција.
– Дадов изјава пред полицијата што ја повикав. Тие направија записник, што јас го потпишав – рече Белчева.
На прашање од одбраната таа рече дека ја видела Ивана и трета жена, која била со неа и Стојанче, како се расправаат, не видела физички контакт. Но, слушнала дека имало нешто такво.
Судењето продолжува утре со сослушување на братот на Ивана, наставничка на Катја и сосетка.
Саздов: Му кажав на Стојанче дека ја засакав Ивана… тој се гледаше со мојата девојка
„Му кажав на Стојанче дека ја засакав Ивана, нема што да лажам и да кријам. Стојанче само ја навредуваше Ивана кога тројцата се видовме да разговараме. Стојанче викаше, да, сакам да се спасам од оваа к**ва“, одговори сведокот кога обвинителката го праша дали Стојанче сакал да се решат работите
Тој сведочеше и дека Јовановски ѝ се заканувал на Ивана дека ќе објави видеа со експлицитна содржина од неа со него и од неа со обвинетиот
Денеска во скопскиот Основен кривичен суд продолжи судскиот процес против Стојанче Јовановски, кој е обвинет дека ја навел на самоубиство својата сопруга Ивана, која на 2 март почина по пад од балкон со ќерка си Катја. На клупата за сведоци седна Мартин Саздов, кого обвинетиот Јовановски го спомена на претходно рочиште, тврдејќи дека тој бил виновен за сè што се случувало околу неговата сопруга, како и дека го принудил Саздов да ги признае трите дела за кои го товари Обвинителството – телесна повреда, загрозување на сигурноста и наведување и помагање во самоубиство.
Сведокот одговараше на прашања во врска со обвинетиот и сега починатите Ивана и Катја, за кои рече дека од датумот кога се случила трагедијата, како да му застанал животот и оти веќе нема мотив да живее.
Дружбата со Стојанче Јовановски и Ивана
Тој го опиша своето познанство и другарување со сега обвинетиот Јовановски. Кажа дека се запознале во 2021 година во Противпожарната бригада, каде биле вработени, по што почнале да се дружат, со него, со неговата сопруга и со нивната ќерка Катја.
„Додека се дружевме, Ивана ја гледав како сестра, како најдобра другарка“, рече сведокот, пренесе МИА.
Во дружбата потоа се придружила и девојката на Саздов.
Таа, според него, била и причината поради која го прекинал другарувањето со обвинетиот Јовановски.
„Престанавме да се дружиме кога дознав дека се гледал со девојката со која се гледав јас, со мојата девојка, потоа се оттргнав од него. Со Стојанче не зборувавме, не се гледавме“, рече сведокот.
Одговарајќи на прашањата, тој го опиша и настанот од август минатата година кога Стојанче Јовановски ги оставил Ивана и Катја среде автопат додека се враќале од свадба во Штип.
„Мислам дека беше август 2025 година, ми се јави Ивана во 1 по полноќ со плачење и ми рече – ‘извини што ти ѕвонам олку касно, немам на кој друг да се јавам, јас со Катја сум пред Штип, може ли да дојдеш да нè земеш, Стојанче нè исфрли од кола“,
наведе Саздов.
Отишол по нив. Биле зад рабникот, се криеле со Катја. Ивана плачела, цела расоблечена, искубана, модра. Плачеле и двете со Катја.
Му рекла оти ѝ е страв да оди дома кај Јовановски, да не ја тепа пак, а не сакала да оди ниту кај мајка ѝ, за да не гледа во таква состојба, односно да не ја вознемирува.
По настанот во Штип, Раскажа дека Ивана и Катја седеле на задното седиште. Се обидел да ја смири Ивана, која првин многу плачела и ја гушкала својата ќеркичка.
„Ја прашав што се случило. Рече дека го промашила патот и Стојанче се изнервирал и почнал да ја тепа. Катја ми кажа дека ѝ ја удирал главата на Ивана од потпирачот за раце меѓу двете седишта, Катја покажуваше кон потпирачот каде ѝ ја удирал главата на Ивана. Видов модринки на главата и на рацете кај Ивана, целата беше искубана и исплашана. Ивана ми кажа дека ги исфрлил од автомобилот како партали и им викал к**ви, к**ви мали, нејзе и на Катја. Со клоци ја шутирал (Ивана). Ѝ реков на Ивана да не зборуваме повеќе на таа тема, да се смират, па потоа ќе разговараме“, раскажуваше сведокот во судницата.
Кажа дека Ивана и претходно му раскажувала за проблемите што ги имала со својот сопруг Стојанче Јовановски.
Посведочи дека обвинетиот ја тепал жена си и пред него.
„Му велев, немој да ја тепаш, не е убаво. Ама бев со врзани раце и не можев ништо друго да направам“, рече Саздов.
Наведе дека по настанот во Штип, почнале да се дружат со Ивана, која му кажала дека сака да се разведе, но велела дека многу се плаши од својот сопруг.
„Мартин не го знаеш каков е, психопат е, ќе нè убие. Не можам веќе да издржам, не знам што да правам“, му рекла Ивана на Саздов додека тој се обидувал да ја смири.
Врската со Ивана
Раскажа дека заедно со Ивана ја носеле Катја во игротека, во Зоолошка, на лулашки, во „Веро Џамбо“. Го шетале заедно девојчето оти сакал да им биде убаво, но Ивана и понатаму повторувала дека не го познава Стојанче и оти ќе ги убие двајцата.
Саздов, пак, ја убедувал да не се грижи, велејќи ѝ дека има институции. Тогаш почнале љубовна врска, откако Ивана му кажала дека со него се чувствува сигурно и смирено.
Сведокот раскажа и за настан кога обвинетиот Јовановски ги следел и ги пресретнал со Ивана на Кеј. Се расправале, а Јовановски сакал и физички да се пресмета со него.
„Му реков да зборуваме смирено. Му реков, и ти си излегувал со две мои девојки со кои излегував јас додека се дружевме заедно. Потоа отидовме во Автокоманда. Ме праша од каде сум знаел дека се гледа со две мои девојки. Имавме заеднички другар, а Стојанче му кажал нему. Се видовме со тој другар и се расправавме, се завлековме, разговаравме на повисок тон“,
раскажуваше Саздов.
Раскажа и како Јовановски тогаш се залетал со неговото возило директно кон возилото на Саздов, удирајќи го од левата страна кај двете врати. Дошла и полиција, но Саздов, како што кажа, не сакал да го пријави.
Тој ден на момент се разделиле бидејќи Саздов морал да отиде во болница откако му јавиле дека неговата мајка е хоспитализирана на Кардиологија.
Потоа повторно се виделе со Јовановски. Сведокот рече дека отишол кај него дома за да разговараат, а таму бил и нивниот заеднички другар Тони.
Тогаш му кажал на Јовановски дека ја сакал Ивана.
„Му кажав на Стојанче дека ја засакав Ивана, нема што да лажам и да кријам. Стојанче само ја навредуваше Ивана кога тројцата се видовме да разговараме. Стојанче викаше, да, сакам да се спасам од оваа к**ва“, одговори сведокот кога обвинителката го праша дали Стојанче сакал да се решат работите.
Саздов сведочеше дека Стојанче рекол оти не ја сака ниту Катја, а Ивана го прашала како може така да зборува за сопственото дете.
„Стојанче и Ивана рекоа дека сакаат да се разведат. Стојанче рече – вие двајца правете што сакате. Додека се гледавме со Ивана, Стојанче нè следел цело време и нè пријавил во ПС ‘Ѓорче Петров’ дека сум му се заканувал преку социјалните мрежи. Заедно со Ивана отидовме во ПС ‘Ѓорче Петров’ и ми кажаа дека Стојанче ме пријавил дека сум му се заканувал, ме пријавил за закани. Дека наводно сум сакал да го убијам. Јас кажав дека тоа не е точно и им го дадов телефонот на вештачење“,рече Саздов.
Посочи и дека во тој период Стојанче се гледал со друга жена. Кажа дека Ивана го фотографирала на тераса од станот како седи заедно со друга девојка. Тоа, како што посочи, бил станот во кој Стојанче и Ивана живееле претходно.
„Кога ги видела и ги фотографирала, се качила горе и пробала да влезе, а потоа ми кажа дека Стојанче ја сменил бравата“, сведочеше тој.
По настанот во Штип, рече Саздов, Ивана почнала да живее кај мајка ѝ. Во тој период починал нејзиниот татко, и тој цело време бил покрај неа. Заедно биле и во болница кај татко ѝ, пред да почине. Рече дека во тој период Ивана многу паднала психички. Не знаел зошто, но претпоставува дека била под закани и уцени.
„Се врати да живее во станот во кој живееја со Стојанче. Ивана цело време зборуваше, само станот ми остана нешто што е мое, бидејќи нејзините родители ја исклучија од оставинската од татко ѝ поради ситуацијата со Стојанче, и ми кажа дека сакала само да си го врати дарот, станот, дека без тоа ќе остане на улица. Јас ѝ реков дека нема да се случи тоа, дека ќе ѝ помогнам“, рече Саздов.
Ивана му кажала дека отсекогаш сама се трудела за станот, и финансиски и со уредување, дека плаќала сметки, рати за кредитот, и поради тоа не можела да го остави станот.
Враќањето кај Стојанче Јовановски
„Јас ѝ реков ако ѝ треба нешто, тука сум во секое време. Таа се врати во станот, престанавме да комуницираме. Мајка ѝ одвреме-навреме ми се јавуваше, ме прашуваше дали знам нешто за Ивана. Ми кажа дека ја гледала Ивана со модринки по телото. Ѝ одговорив – не знам ништо“,рече тој.
Потоа Ивана му се јавила во декември минатата година, кога полицијата го фатила Јовановски со дрога и ги обвинувал неа и Саздов дека го наместиле.
„Јас ѝ реков на Ивана да не се секира. Повторно почнавме да разговараме на телефон. Ја прашав каде должи пари, првин не сакаше да ми каже, ја замолив, почна да плаче и ми рече: Стојанче ја натерал да извадат од нејзината кредитна картичка околу четириесет илјади денари, не знам дали од кредитната или точно од каде ја натерал да извади пари, јас ѝ реков ајде да одиме да платиме, таа не сакаше да земе пари од мене“, сведочеше Саздов.
Во тој контекст, сведокот говореше и за проблемите на Јовановски со дрогата. Одговарајќи на прашањата на Обвинителството, кажа дека го гледал сега обвинетиот како зема дрога пред него. Кажа оти Јовановски користи наркотици уште откако го знаел.
„Неколку дена пред 2 март Ивана ми кажа сè што се случувало тој период меѓу нив, откога Стојанче мислеше дека сме го наместиле со дрога. Ивана ми кажа дека секоја вечер кога Стојанче ќе си дошол дома издрогиран, ја тепал пред Катја, се заканувал, јас тоа не го знаев, таа ми го кажа тоа пред 2 март. Неколку дена пред 2 март се видовме и беше целата во модринки. Ја молев да си оди кај мајка ѝ. Таа ми викаше само сакам да си го вратам дарот, станот“, сведочеше Саздов.
Тој сведочеше и дека Јовановски ѝ се заканувал на Ивана дека ќе објави видеа со експлицитна содржина од неа со него и од неа со обвинетиот.
„Тој сакал да ги објави јавно, да ја посрамоти. За тоа ѝ беше најмногу страв. Ми викаше каква слика ќе биде тоа за мене како родител на Катја“, рече Саздов во судницата.

