И кога се бореше за сопствениот живот, таа мислеше на другите и на тоа како да им помогне. Јавноста се збогува со храбрата мајка, Вања Андонова, која пет години наназад се бореше со канцер, а неретко во јавност истакнуваше дека не се откажува и се бори за нејзините деца да ја имаат покрај себе. Денес, веста дека Вања починала ја објавија нејзини пријатели на социјалните мрежи.

За оваа силна жена, во повеќе наврати се пишуваше во медиумите. Отворено зборуваше за болеста, за првичниот страв кога ја дознала дијагнозата, но и уште поголемиот удар, кога во рок од две години, по вторпат се соочила со болеста. За неа беа организирани хуманитарни кампањи, со цел да се соберат средства за скапата терапија. За празникот Осми Март таа ја трогна земјата кога објави дека деца во училиште, со поддршка од родителите, наместо да купуваат подароци за наставничките, средствата и ги доделиле нејзе, за да ја плати терапијата.

-Ова е толку искрена намера,толку хумано дело и верувам дека ќе се слушне и прошири насекаде,за овие ученици и нивните наставници и родители,како сплотени и искрено ми помогнаа мене во овие тешки моменти. Уште еднаш Ви благодарам на сите вас. Нека бидете пример за другите, вака празникот е поубав, објави тогаш Вања.

Таа ја изгуби битката со болеста на 45-годишна возраст, а останува запаметена по својата отвореност за болеста, а беше активна и во иницијативи за унапредување на женските права.