Минесота тимберволфс на свој терен го победи Денвер со 110:98 и на тој начин со вкупни 4:2 во победи се пласираше во полуфиналето на Западната конференција од НБА плејофот, каде ќе се сретнат против Сан Антонио спарс. Последната четврта победа на Минесота против Денвер е вистински подвиг затоа што играа без двајца клучни играчи.

Ентони Едвардс и Донте Дивинченцо не беа во составот на Минесота, но и покрај нивното отсуство, Волците покажаа дека имаат тимски дух и стигнаа до посакуваната четврта победа за пласман во следната рунда од плејофот. Мекданиелс со 32 поени и 10 скока беше лидер во победничкиот тим, а вкупно петмина кошаркари на Минесота имаа двоцифрен број на поени. Шанон заврши со 24 поени, Рендл додаде 18, Рид постигна 15 поени, а Гоберт беше универзален со 10 поени, 13 скока и осум асистенции.

Елиминацијата на Денвер значи дека еден од најдоминантните играчи во НБА лигата, Никола Јокиќ ја завршува сезоната. Српскиот центар на последниот меч имаше 28 поени, 10 асистенции и девет скокови, но кај Денвер потфрли Мареј кој заврши со само 12 поени.

Во следната фаза од плејофот е и Њујорк кој немаше милост на гостувањето кај Атланта и ги „прегази“ Јастребите со 140:89. За Њујорк ова беше четврта победа во серијата и оди во полуфиналето на својата конференција.

Екипата на Филаделфија се избори за мајсторка, односно седми натпревар против Бостон, откако 76-ките на свој терен победија со 106:93. Сега резултатот е 3:3 во победи, а последниот дуел од оваа серија ќе се игра на теренот на Селтикс.