Актерот Алек Болдвин случајно ја усмрти камерманката Халина Хачинс и го рани режисерот Џоел Соуза на снимањето на филмот „Rust“ во Њу Мексико.
Хачинс била веднаш пренесена во болница со хеликоптер, но набрзо починала. Соуза е повреден и се наоѓа на одделението за интензивна нега во болницата Кристус Сент Винсент во Санта Фе.
Според полицијата, немилиот настан се случил за време на снимањето на сцена која вклучувала употреба на реквизити за огнено оружје, кога се случило пукањето.
Дали актер може да одговара за несреќа на снимање?
Убиство од небрежност, според законот на Њу Мексико каде што се случил инцидентот, се дефинира ако некое лице изврши уб иство за време на вршење прекршок или ако лиши друго лице од живот додека извршува законски чин, но не применува соодветни мерки на претпазливост. Тоа се класифицира како кривично дело од четврт степен и предвидува максимална затворска казна од 18 месеци со можност за условна казна.
Но, против актерот сè уште не е покрената никаква постапка. Истрагата ќе утврди и чија била вината за наполнетиот пиштол и какви проектили имало во него.