Претседателот на Демократскиот сојуз, Павле Трајанов во вечерашното гостување на ТВ21 рече дека за него е неприфатливо да се прави „трансфер“ од една на друга страна од власта, мислејќи на потегот на Беса, која ја напушти досегашната власт и формира ново парламентарно мнозинство заедно со ВМРО-ДПМНЕ, Алијанса/Алтернатива и Левица.
„Беса беше на избори заедно со СДСМ и други политички партии, тие пратеници 4 сега дали се потенцијал на Беса или не, тоа никој не може да го процени. И јас порано имав став околу трансферот на пратеници. Партиите што биле со нас на изборите можат да ја менуваат страната полесно, меѓутоа партиите што сме биле заедно мислам дека, тој трансфер да се прифаќа од една страна на друга, не е морално, и за мене тоа е неприфатливо, рече Трајанов“.
Според Трајанов, новото парламентарно мнозинство е вовед во предвремени парламентарни избори.
„Со 61 пратеник или 62 колку што сме сега, Парламентот нема да биде стабилен, не ќе може да дава поддршка за проектите што ќе ги предлага Владата и претпоставувам дека таа ќе биде вовед за предвремени парламентарни избори. Доколку се изгласа недоверба на владата, веднаш по тоа, претседателот ќе бара кои партии имаат 61 пратеник, за да го додели мандатот. И почнува таа процедура – десет дена за нов мандат, па дваесет дена мандатарот да предложи нова влада“, посочи Трајанов.
„Имам резерви дека Беса комплетно се приклучува кон ново парламентарно мнозинство, затоа што таму е лидер Биљал Касами, дали тој ја контролира ситуацијата, претпоставувам дека да, бидејќи се работи за исклучително стабилна личност и вакви пресврти не се очекуваат баш од Беса“, вели Трајанов.