Рускиот пејач, композитор и текстописец Александар Градски почина на 72-годишна возраст.
Градски пред неколку дена итно бил префрлен во болница во Москва поради сомнение дека имал мозочен удар. Здравствената состојба нагло му се влоши откако во септември беше заразен со корона вирусот.
Александар е еден од основачите на рускиот рок, инспириран од Елвис Присли, Битлси и Бил Хејли.
Во 1964 година заедно со Михаил Турков ја организира аматерската рок група Славјана која опстојува две години. Но, најголемата популарност му ја донесе уште една група која исто така ја основаше, „Скоморохи“, која се појави во 1966 година. Градски бил нејзин пејач и гитарист до 1976 година.
Тој стана автор на музика за филмот на Кончаловски „Романса на љубовници“, по што стана познат. Рецитали има одржано од раните 1970-ти, Градски има напишано вкупно повеќе од 200 песни, а има издадено и неколку десетици албуми. Меѓу најпознатите и најсаканите на Русите се „Песна на пријател“, „Песна на слободата“, „Во спомен на поетот“, „Јужен збогум“, „Анти-перестројка блуз“.
Во последните години композиторот беше ментор во ТВ шоуто „Гласот“.
Градски во 1999 година ја доби титулата Народен уметник на Руската Федерација, а е и лауреат на Државната награда на Руската Федерација.