Потрагата по братот и сестрата, Амир Али (5) и Амаја Аја (2), кои исчезнаа на почетокот на годината во Швајцарија, трае веќе неколку месеци, а според последните податоци, мајката се сомнева дека децата би можеле да бидат во некоја од балканските земји.
Сè започнало кога таткото Ранис Смајловиќ не ги вратил децата на нивната мајка Дијана Хисенај, која веднаш го пријавила нивното исчезнување.
Неутешната мајка живеела со своите деца во Швајцарија, кога нејзиниот поранешен партнер и таткото на децата ги зел Амир и Амаја и ги однел на непознато место.
Иако судот донесе одлука децата веднаш да бидат вратени на својата мајка, таткото сепак ги крие на непозната локација.
Како резултат на тоа, Смајловиќ беше уапсен во март годинава, но ги негираше обвиненијата пред суд во јуни, тврдејќи дека поранешната партнерка не е во можност безбедно да се грижи за ќерка и синот.
Полицијата го уапси 38-годишниот Смајловиќ на 6-ти март во Загорје. На прашање од судијата дали е подготвен да каже каде се децата, тој додаде дека се наоѓаат во „безбедна средина“.
Потрагата по децата првично беше насочена кон територијата на Швајцарија, но беше проширена по укажувањата дека децата може да бидат некаде на Балканот.
Освен Србија, како можни локации за деца се споменуваат и други земји: Словенија, БиХ, Швајцарија, Хрватска, Црна Гора…
Во април, мајката Дијана за медиумите изјави дека семејството на нејзиниот поранешен сопруг не сака да има никаков контакт со неа.
– Кога ќе и се јавам на неговата сестра, таа ме насочува на друго место. Кога ќе му се јавувам на неговиот татко, тој ми вели дека сè може да се реши ако ги отфрлам обвиненијата против неговиот син. Тој сака да му се вратам, раскажува мајката на децата.
Таа се сомнева дека децата се некаде во Словенија или Босна, со роднини или блиски пријатели на нејзиниот поранешен сопруг.