Бојан Јовановски-Боки 13 во подкастот „Лазаров“ зборуваше за основањето на Меѓународен сојуз, но и за „1ТВ“. Тој кажа дека никој политичар не ја основал телевизијата туку семејството Јовановски. Зборуваше и за СДСМ, кои се споменуваа како лица кои помогнале за основањето на 1ТВ.

„СДСМ денеска е секта која денеска се убива меѓу себе. По овие избори, СДСМ нема да постои како партија“, рече Јовановски.

За Меѓународен сојуз посочи дека тоа биле идеи кои требало да бидат реализирани во целост. Ги знаеле од СДСМ. Па потоа, според него, било злоупотребено.

„Со моите хуманитарни акции се кити СДСМ, партијата добива, јас сум симпатизер во тоа време, а потоа и дел од тие секташки структури. И потоа, дојде моментот на таа Шарена Револуција заедно со Вистината за Македонија, со бомбите кои ги објавуваше Заев. Кога Заев го доби мандатот од Ѓорѓе Иванов и тогаш се официјализираше Меѓународен сојуз. Тогаш имавме супер идеја, супер мисија, али за жал и таму ме извозеа, изманипулираа, дозволив, да денеска ова го зборувам, ама го зборувам со горчина. Го зборувам и со потреба да се знаат многу работи, оти 5 години се зборуваше се и сешто, никој не ја знае вистината“, вели Јовановски.

Тој додаде и: „Проектите беа злоупотребени од власта која е актуелна од СДСМ, беа злоупотребени од локалната власт, од централната власт“.

За основањето на „1ТВ“ посочи дека залог била семејната куќа, лични заштеди на семејството Јовановски, а пак, финансирањето било целосно легално.

„Никој не се јавил за основањето на 1ТВ. Отидовме во АВМУ, плативме консалтинг агенција, ги исполнивме стандардите. Никој не дал да се основа 1ТВ. Да беше денеска 1ТВ, таа ќе беше број еден“, додаде Јовановски.

Прашан дали 1ТВ имала поддршка од власта, Јовановски рече: „Власта имаше поддршка од 1ТВ, мислејќи дека сме другари со СДСМ, мислев дека ќе имаме поддршка. Од поддршката имам прекршочни пријави, неплатени пари за претседателските избори, а ги рекламиравме“.

Посочи дека СДСМ ја гледаме „1ТВ“ ја гледале како бунар од кој треба да се полнат со пари.