Интензитетот и обемот на поплавите во Германија оваа недела ги шокираа научниците коишто ги следат климатските промени и кои не очекуваа некои рекорди да бидат срушени толку брзо, пишува Гардијан.
После смртоносниот топлотен бран во САД и Канада, каде температурите пораснаа над 49,6 степени Целзиусови пред две недели, поплавата во централна Европа ги зголеми стравувањата дека климатските нарушувања предизвикани од човекот ги прават екстремните временски услови уште полоши од предвидуваните.
Најмалку 58 лица загинаа, десетици илјади домови се поплавени и прекинато е напојувањето.
Делови од Рајнска област-Пфалц и Северна Рајна-Вестфалија се преплавени со 148 литри дожд на метар квадратен во рок од 48 часа, делови во кои обично паѓа околу 80 литри во цел јули.
Градот Хаген прогласи вонредна состојба откако реката Волме го преполни коритото и водата се излеа достигнувајќи нивоа што не се видени со децении.
Највпечатлив рекорд е забележан на станицата Келн-Стамхајм, во кој падна 154мм дожд во текот на 24 часа, уривајќи го дотогашниот рекорд од 95мм за 24 часа.
Научниците долго време предвидуваа дека емисиите на стакленички гасови ќе предизвикаат големи поплави, топлотни бранови, суши, бури и други форми на екстремни временски услови, но најновите појави неколкукратно ги надминаа очекувањата.
„Изненаден сум од тоа колку е надминат претходниот рекорд“, вели Дитер Гертен, професор по климатологија и хидрологија за глобални промени на Институтот во Потсдам.
„Се чини дека не сме само над нормалното, туку во домените што не ги очекувавме во однос на просторната мера и брзината што ја развиваше“, додал тој.
„Со климатските промени очекуваме сите хидро-метеоролошки појави да станат поекстремни. Она што го видовме во Германија е во голема мера конзистентно со овој тренд“, изјавил Карло Буонтемпо, директор на Службата за климатски промени Коперникус во Европскиот центар за временски прогнози.
Седумте најжешки години во регистрираната историја се случиле од 2014 година, главно како резултат на глобалното загревање, што е предизвикано од издувните гасови на моторите, шумските пожари и други човечки активности. Компјутерските програми предвидуваат дека ова ќе предизвика екстремни временски услови, што значи дека рекордите ќе бидат срушени со поголема фреквенција на повеќе места, пишува Гардијан.
Америка е во фокусот во последните неколку недели. Канадскиот национален дневен рекорд на топлина беше надминат за повеќе од 5С пред две недели, како и неколку локални рекорди во Орегон и Вашингтон. Научниците рекоа дека овие крајности на такви географски широчини се практично невозможни без затоплување предизвикано од луѓето. Минатиот викенд, станицата за набљудување во Долината на смртта во Калифорнија регистрираше 54,4C, што може да се покаже како највисоко забележана температура на Земјата.
Даниел Свејн, научник за клима на Универзитетот во Калифорнија во Лос Анџелес, рече дека толку многу рекорди се прават во САД ова лето што тие повеќе не ги објавуваат информациите за нив.
„Екстремите што би биле вести пред неколку години не се, бидејќи тие се бледи во споредба со зачудувачките зголемувања пред неколку недели“, изјавил тој.
„САД честопати се во центарот на вниманието, но видовме и вонредни временски настани во северна Европа и Сибир. Ова не е локализирано, дефинитивно е дел од кохерентна глобална шема“, додава Свејн.
Лапонија и делови од Сибир, исто така, забележаа рекордни горештини во јуни, а градови во Индија, Пакистан и Либија се соочуваат со невообичаено високи температури во последните неколку недели. Предградијата на Токио се преплавени со најобилни врнежи од почетокот на мерењата, а количината на јулските врнежи, очекувани за текот на цел месец, паднаа за еден ден во Лондон. Настаните што се случуваа еднаш во 100 години стануваат вообичаена појава, коментира Гардијан.
Некои експерти стравуваат дека неодамнешните потреси укажуваат дека климатскиот систем можеби го надминал опасниот праг. Наместо непречено зголемување на температурите и стабилно зголемување на крајностите, тие испитуваат дали трендот може да биде сè повеќе „нелинеарен“ или трнлив, како резултат на ударните ефекти од сушата или топењето на мразот на Арктикот. Оваа теорија е спорна, но неодамнешните настани предизвикаа повеќе дискусии за оваа можност и веродостојноста на моделите засновани на минатите набљудувања.
„Треба подобро да ги бележиме нелинеарните настани“, апелира Гертен.
„Ние научниците во последниве години бевме изненадени од некои настани што се случија изминатите години, но беа почести и поинтензивни отколку што се очекуваше“, додава Гертен.