Ова е анегдота за најкраткиот расказ на светот.

Писателот Ернест Хемингвеј, додека сè уште бил млад, бил во друштво на колеги писатели во ресторан на Менхетен, според едни, односно во хотелот „Алгонквин“ во Њујорк, според други.

Хемингвеј на своите колеги и пријатели им рекол дека може да напише приказна со само 6 збора.

Присутните не верувале, па решиле да се обложат дека нема да може да го направи тоа, да напише вистинска приказна со само 6 збора.

Секој ставил по 10 долари влог.

Хемингвеј земал салфетка од масата и на неа напишал шест збора.

Не ги прочитал на глас, туку им ја дал на другите да ја прочитаат. Кога салфетката поминала низ целата маса, сите се согласиле дека 6 збора се апсолутно доволно за да се напише приказна.

На продажба. Бебешки чевли. Неносени.

Иако не постои цврст доказ дека токму Хемингвеј е автор на овие зборови, анегдотата за најкраткиот расказ продолжува да се прераскажува.