Минатата година, ова место доживеа експанзија, а оваа година, како што велат туристите, нема место каде пешкир да се постави.

Неум е единствениот приморски град во Босна и Херцеговина. Околу него се протега крајбрежје со должина од 21 км, што е единствениот пристап на земјата на Јадранското Море. Неум се наоѓа во Херцеговско-неретванскиот кантон во рамките на Босна и Херцеговина.

Неум е сместен на стрмни ридови, има песокливи плажи и има неколку големи хотели. Цените обично се пониски од оние на нивниот сосед, Хрватска. Туризмот е главна стопанска гранка во областа.

Неум нуди 5.000 легла за туристи, од кои 1.810 по хотели, а останатите по мотели, вили и приватно сместување. На општинско ниво, туризмот во Неум е активен само во крајбрежниот предел. Внатрешноста на Неум се одликува со богата археолошка историја и недопрена дивина и затоа таму селскиот туризам е во развој.

Колку навистина чини летен одмор во Неум?

Босанскиот Монте Карло, како што многумина го нарекуваат, годинава е малку поскап од минатата година, но цените се сепак многу прифатливи.

Како што пишува „Бука“, за сместување треба да платите нешто помалку од 400 евра за седум дена, топката сладолед чини околу 70 дeнари, ручекот можете да го најдете за околу 350 дeнари, а изнајмувањето лежалки на плажа чини исто толку.

Како што наведуваат новинарите на Аваз во извештајот од Неум, ви требаат скоро иста сума пари како во Белград за да поминете време во кафулињата. Може да пиете кафе за 70 дeнари, додека газираните сокови се околу 130 дeнари.