Португалија во изминатите 24 часа пријавила повеќе од 3.000 нови инфекции, за прв пат од февруари, по што властите размислуваат за понатамошни мерки за спречување на загрижувачкото ширење на инфекцијата.

Со нови 3.285 случаи, скоро 40 проценти повеќе од минатата среда, вкупниот број на заразени во таа земја со нешто повеќе од 10 милиони жители, достигна 896.026 од почетокот на пандемијата. Новите случаи биле регистрирани претежно кај невакцинирани млади луѓе, а дневниот биланс на жртви останал низок, далеку под нивото во февруари, додека земјата сè уште била во строг карантин.

Карантин бил воведен во јануари против тогаш најголемото зголемување на случаи на коронавирус во светот, но четвртиот бран, предизвикан од позаразната делта варијанта, силно ја погодува земјата. Скоро 90 проценти од случаите во Португалија се заразени со делта варијантата. Стапката на инфекција започнала да се зголемува откако Португалија започнала да се отвора за посетителите од Европската унија и Велика Британија во средината на мај.

Повеќето деловни активности повторно се отворија кога започна летната сезона и плажите и рестораните беа полни. Минатата недела бил воведен полициски час во текот на ноќта во 45 општини, вклучувајќи ги Лисабон, Порто и Албуфеира, а рестораните и продавниците за храна ќе треба да бидат затворени порано за време на викендот во некои области. Снимките покажуваат дека стотици млади туристи се забавуваат на улиците на Албуфеира, популарна дестинација во јужниот регион Алгарве.

За да се справи со порастот на инфекцијата, Португалија ја забрзува кампањата за вакцинација. Владините министри ќе се состанат утре за да одлучат за следните чекори и би можеле да најават натамошни мерки. На прашањето дали може да се воведе вонредна состојба во одреден момент, министерката за здравство Марта Темидо рече дека тоа не е целосно невозможно, додавајќи дека состојбата со пандемијата постојано се проценува.