Младите сопружници од Австралија се чувствуваат како „најлошите родители во светот“, откако нивната ќерка претрпе страшни изгореници на главата и вратот во бизарна несреќа. Повредата се случила кога таа спиела и од нивниот кревет во сон паднала на фен за коса.

Даниела и Леви Робинс се дружеле со пријателите во семејната куќа јужно од Аделаида, додека нивната седуммесечна ќерка Сиена спиела во нивниот кревет.

Била опкружена со перници, а нејзините родители оделе во спалната соба на секои 10-15 минути и ја проверувале.

За време на една проверка, мајката слушнала дека фенот е вклучен и ја нашла Сиена на грб, не можејќи да се помрдне бидејќи фенот внесувал врел воздух директно во задниот дел на вратот.

Викала за нејзиниот сопруг да повика брза помош, додека се обидувала да ги олесни изгорениците на нејзината ќерка под студениот туш.

Сиена се здобила со изгореници од втор и трет степен на главата и вратот, а лекарите се плашат дека можеби дури и нема да има коса на некои делови, пренесува Дејли меил.

Седуммесечната Сиена исто така не можела да гледа три дена, откако поради повредите и отекле главата и лицето.

– Додека бевме во брза помош, не знаев дали нејзиното мало тело ќе може да се справи со ваквите изгореници. Ја погледнав нејзината глава и знаев дека е лошо, вели нејзината мајка.

Сиена ќе мора да се подложи на операции на секои два дена барем во следните шест недели, а таа веќе ја имаше и првата операција.

Основана е и страница GoFundMe за да соберат пари за нејзино лекување, а досега се собрани повеќе од 11.000 долари.