Според последната голема студија спроведена од истражувачите од Индискиот совет за медицински истражувања и Националниот институт за вирусологија и уште неколку институции, новите варијанти на коронавирусот уште еднаш покажуваат колку е непредвидлив вирусот SARS-CoV-2. Делта, или варијантата Б.1.617.2, уште е наречена и варијанта на загриженост бидејќи неверојатно брзо се прошири низ целиот свет. И додека многу земји ги олеснуваат рестриктивните мерки, научниците и медицинскиот персонал продолжуваат да го истражуваат ковид-19 за да се обидат да спречат нов бран.

Делта носи генетски код на две други мутации, E484Q и L452R, што го прави сè полесно да се пробие во имунолошкиот систем на човекот и да ги напаѓа органите. Покрај тоа, бидејќи новите варијанти имаат тенденција да ја менуваат структурата на протеинот Спајк, тие се врзуваат поефикасно со клетките домаќини на човекот и брзо се размножуваат, правејќи поголема штета од првичниот вид на ковид.

Невакцинираните лица, нецелосно вакцинираните и лица со претходно постоечки коморбидитети се изложени на поголем ризик од заразување со делта варијантата на коронавирусот. Од друга страна, новото истражување покажува дека лицата кои примиле една или двете дози на вакцина имаат максимална заштита од варијантата делта.

Истражувачите го проучувале имунолошкиот одговор на пет категории луѓе: оние кои биле вакцинирани со една доза, оние кои биле вакцинирани со две дози на вакцини, оние кои преживеале ковид-19 и биле вакцинирани со една доза, оние кои прележале ковид 19 и биле вакцинирани со две дози вакцини и оние кои биле целосно вакцинирани, но во одреден момент се заразиле.

Според студијата, оние кои биле вакцинирани, а потоа заразени и оние кои го надминале ковидот и примиле една или двете дози на вакцината имале релативно поголема заштита од варијантата делта отколку оние кои никогаш не биле заразени, но биле целосно вакцинирани.

„Вакцинацијата резултира во поблага форма на болеста ако инфекцијата настане последователно, што укажува на тоа дека и хуморалниот и клеточниот имунолошки одговор имаат важна улога во заштитата“, се вели во студијата.

Колку се ефикасни вакцините?

Студијата наведува дека достапните вакцини против вирусот САРС-CoV-2 покажале ефикасност од 51 до 94 проценти во однос на оригиналниот вид. Понатаму, досегашните податоци покажуваат дека природниот имунитет стекнат со надминување на болеста може да се зајакне со само една вакцина, што значително би помогнало во заштита од делта варијанта на корона вирусот, пренесува Times of India.

„Податоците покажуваат дека ако некое лице се зарази по вакцинирањето, ќе биде заштитеои од тешка форма на болеста“, се вели во студијата.