Основното јавно обвинителство поднесе обвинение против четири лица за посредување во проституција и перење пари. Меѓу нив има двајца странци – од Бразил и Сирија, и двајца македонски државјани.

Според обвинението, во периодот од декември 2023 до ноември 2024 година, бразилска државјанка и македонски државјанин со сириско потекло организирале мрежа за сексуална експлоатација на жени од Бразил.

Жените биле сместени во изнајмени станови во Скопје, а услугите ги нуделе преку веб-страница каде имале поставени цени – од 150 евра за половина час до 800 евра за цела ноќ.

Првообвинетата се грижела за профилите на сајтот и за организацијата на клиентите. Парите заработени од проституцијата ги префрлале преку Вестерн Унион до Бразил и Португалија, како и преку криптовалути, со цел да го сокријат нивното потекло.

Двајца од обвинетите се обвинети и за помагање во перење пари. Еден од нив, кој исто така користел сексуални услуги, ѝ помогнал на една од жртвите да трансферира пари преку криптовалути и да ги претвори во готовина.

Обвинителството побара продолжување на притворот за тројца од обвинетите, поради опасност од бегство, влијание врз сведоци и можност за повторување на делото.