Германскиот парламент, Бундестагот, денеска донесе одлука за зголемување на минималната саатница на 12 евра од октомври годинава.
Минималната саатница, која моментално изнесува 9,82 евра бруто, прво треба да се зголеми на 10,45 евра на 1 јули и на 12 евра на 1 октомври.
Законодавците претпоставуваат дека во Германија во моментов околу 6,2 милиони вработени добиваат часовна плата помала од 12 евра. Следното зголемување на минималната саатница би можело да следи на почетокот на 2024 година.
„Тоа не би било можно без Олаф Шолц“
Зголемувањето на минималната саатница беше едно од централните изборни ветувања на германската владејачка Социјалдемократска партија (СПД).
„Без Олаф Шолц, немаше да има зголемување на саатницата“, рече во петокот министерот за труд Хубертус Хајл. Тој додаде дека зголемувањето на минималната саатница ќе им донесе „значително повеќе во паричниците“ на оние кои заработуваат најмалку.
Левицата поддржува, но …
Предлог-законот за минимална плата беше поддржан од социјалдемократско-зелено-либералната коалиција и левицата, додека членовите на опозициската Христијанско-демократска унија ЦДУ/ЦСУ и десничарската популистичка Алтернатива за Германија (АфД) беа воздржани.
Левицата го поддржа зголемувањето на минимумот, но посочи дека тоа не ја следи стапката на инфлација.
Зголемувањето на минималната плата беше критикувано од Германското здружение на работодавачи (БДА) и поздравено од претставниците на синдикатот.