Лебот, кафето, леќата, месото, млечните производи… ова се дел од листата на производи кои што периодов поскапеа. Поскапување од 5 денари има кај сирењето, кашкавалот, урдата, па на два пати по 10 денари во период од еден месец на свинското месо, од 7 до 10 денари кај лебот. Од Министерството за економија велат дека ги следат состојбите со цените и дека ако значително се забрза растот на цените, ќе се прави проценка за следни чекори, аналзиира порталот МКД.мк.

Редакцијата на МКД.мк праша какви беа, а какви се сега цените на производите во дел од поголемите маркети, односно што најмногу е поскапено.

Ако пред 2 месеци пакетче леќа сме го купувале за 25 денари, сега цената на истиот производ е 48 денари, 200 грама кафе од цена на 76 денари сега е 84 денари, шеќерот од 32 денари стаса до цена од 36 денари, белиот леб кој што се продаваше по цена од 15 денари, сега е 22 денари, односно лебот е поскапен од 7 до 10 денари.

Поскапеа и јајцата, односно ако претходно пакување од 15 јајца го купувавме по 79 денари, сега цената е 95 денари.

Од 5 до 10 денари има поскапување кај сирењето и кашкавалот. Најголемо покачување има кај маслото за јадење, односно цената е 92 денари, па дури и до 105 денари за литар масло.

Покачени се и цените на месото во просек од 10 до 20 денари, па и повеќе.

Цената во дел од поголемите маркети на свинската кртина е околу 310 денари, свинското каре е 379 денари, а бутот се продава по цена од 325 денари.

Во месарниците телешкото месо се продава по цена од 690 денари, а свинското околу 315 денари. Плескавиците, ражничите, увијачите… и другите производи во месарите се исто така поскапени по 10 денари.

Од Министерството за економија велат дека поскапувањето на одредни прехранбени производи е одраз на раст на берзанските цени на електричната енергија и нафтата.

„Според официјалните податоци на Државниот завод за статстика за месец октомври 2021, раст на цените на мало е забележан кај маслото од 2,3%, лебот и житата 1,8%, месото 1,7%, млекото 0,7%, сирењето и урдата 0,5% и други прехранбени производи 1,2%”, велат од Министерството за економија.

Од таму додааат дека ја следат состојбата за месец ноември 2021 со растот на цените, за што доколку се значително се забрза растот на цените Министерството за економија ќе процени за превземање на следни чекори.

Минималните трошоци на едно четиричлено семејство во октомври се зголемени за 200 денари во однос на септември, покажуваат податоците на Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ), кој секој месец ја изработува синдикалната потрошувачка кошничка.

Според овие податоци, синдикалната минимална кошничка во октомври изнесува 34.584 денари. Храната учествува со 42,7 проценти во вкупната структура на кошничката или за храна и пијалоци потребни биле 14.779 денари.

За режиски трошоци биле потребни најмалку 10.879 денари, а за хигиена 2.390 денари.

„Поради се по евидентното зголемувањето на цените, очигледно е дека ни треба зголемување на платите со кој ние како работници без да се грижиме за нашата егзистенција ќе можеме да си ги овозможиме најмалку трошоците во висина на една синдикална потрошувачка кошница. Затоа, апелираме да бидат прифатени забелешките на синдикатите во врска со зголемувањето на платите за да не продолжи трендот на осиромашување на граѓаните“, велат од Синдикатот.

Оттаму оценуваат дека е оправдано барањето за зголемување на минималната плата на 18.000 денари и линеарно зголемување на останатите плати.