Пред три дена во близина на велешката филтерна станица бил пронајден човечки труп во поддмината фаза. Кое е починатото лице и што се случило со него, допрва треба да биде даден одговор од страна на Институтот за судска медицина Скопје. Засега, од МВР не откриваат детали за јавност, околу тоа дали се работи за жена или маж, ниту пак приближно на која е возраст е починатото лице, пишува ФОКУС.

Во Велес моментално на страницата за исчезнати лица се објавени податоци за седум велешани по кои се трага со години. Велешанецот Никола Попов (66) кој исчезна во јули годинава, иако се уште не е пронајден, не е објавен на страницата. Нема официјални податоци и околу тоа колкава е бројката на исчезнати велешани чии податоци исто така не се објавени на страницата поради одредени причини.

Оние седум лица по кои официјално се трага исчезнале во периодот од 2004 до 2015 година, и тоа две лица исчезнале во 2012 година, во месец март со разлика од две недели, а две лица во 2014 година, од кои едно лице во јуни, а пак друго во септември. Станува збор за две исчезнати жени и пет мажи, на возраст од 25 до 82 години.

Ангел Стојанов

Помеѓу најмладите исчезнати се Ангел Стојанов (25) кому му се губи траг во 2012 година, Ицана Арсоска (48) на која и се губи траг во 2012 година, Стојан Митковски (50) кому му се губи траг во 2004 година.

Останатите велешани по кои се трага се на возраст од 62, 65, 71 и 82 години – Петре Мишев, Кирил Ќимов, Борис Атанасов и Цветанка Тодоровска.