Бугарската национална телевизија Нова објави фотографии од приведувањето на експремиерот Бојко Борисов, во големата акција вечерва на европското обвинителство во соработка со бугарската полиција.

На фотографиите се гледаат спроведувањето на Бојко Борисов во главната дирекција на полицијата, како и бројни поддржувачи и симпатизери на ГЕРБ кои протестираат пред неговата куќа.

Поранешниот премиер Бојко Борисов вечерва беше приведен во голема заедничка акција на европското обвинителство и националната полиција, поради 120 случаи за злоупотреба на фондови на Европската Унија.

Покрај Борисов, во овој случај се имплицирани уште неколку поранешни бугарски функционери и членови на ГЕРБ. Бугарските медиуми јавија дека е извршен претрес и во нивните домови.

📷

📷

📷

📷

Борисов може да биде задржан во полиција до 24 часа, случајот е во надлежност на европското обвинителство

Претресот во домот на бугарскиот експремиер Бојко Борисов траел два и пол часа, а од неговиот дом не било земено ништо, изјави неговиот адвокат, Менко Менков, за бугарските медиуми.

Тој информира и дека Борисов бил пренесен во главната дирекција на полицијата и таму може да биде задржан до 24 часа, како што предвидува тамошниот закон.

Во меѓувреме, членови на пратеничката група на ГЕРБ и симпатизери и поддржувачи кои протестираа пред неговиот дом, се преселија пред главната дирекција на полицијата, каде најавија дека ќе го продолжат протестот, повикувајќи ги сите поддржуваччи да им се приклучат.

Портпаролката на главниот бугарски обвинител, Иван Гешев, Сијка Милева, изјави дека бугарското обвинителство не е известено за истражни активности против Борисов и другите функционери, повикувајќи ги медиумите одговори да побараат од Европското обвинителство кое е надлежно за случајот, пренесува Стандартњуз.

Милева вели и дека, согласно законот, бугарското обвинителство треба да биде известено за случајот во рок од 24 часа.

Претходно бугарските медиуми, повикувајќи се на информации од тамошното МВР, објавија дека полицијата го привела бугарскиот експремиер Бојко Борисов, како и уште неколку поранешни бугарски фунцкионери во голема заедничка акција на европското обвинителство и националната полиција, поради 120 случаи за злоупотреба на фондови на Европската Унија.