Штотуку започна истрагата за двојното убиство што се случи денеска во Скопје околу 14.40 часот. Околу 16.00 часот пристигнале полициски инспектори и јавен обвинител кои вршат увид на местото на настанот, подигнуваат траги, а потоа, ќе бидат земени и телата за да биде направена обдукција.
Согласно првичните информации, прв осомничен за убиството на овие две жени е 40-годишен маж со иницијали М.Ј., кој е практично син и внук на двете жени, кои, како што велат станарите живееле сами во својот стан на ул. „Рузвелтова“ бр.68. Поточно, во станот којшто се наоѓа на вториот кат, од оваа зграда.
Станарите пред камерата на ТВ Сител велат дека прво на местото на настанот пристигнале полицајци, па потоа дознале дека станува збор за двојно убиство.
„Ги знаевме соседите. Си велевме Здраво, здраво, но немавме ништо чудно приметено кај нив“, вели еден од станарите во зградата.
„Во станот живееја две жени, помладата имаше син, а на постарата жена му беше внук. Не знам дали и тој живееше со нив заедно, но често го имам гледано овде, во зградата. Луѓето беа коректни, никој не можеше да претпостави дека ќе се случи вакво нешто“, додава станарот во изјава за медиумот.
Да потсетиме, претходно денеска скопјанец ги закла мајка му и баба му во стан во Центарот на Скопје.
„Денеска (11.01.2023) околу 14.40 часот, полициски службеници од Полициската станица Карпош го лишиле од слобода М.Ј.(40) од Скопје, поради сомнение дека околу 14.20 часот во стан на ул.„Рузвелтова“ со остар предмет ги нападнал неговата мајка и баба на возраст од околу 60 и 80 години, кои од здобиените повреди починале“, информираа од МВР .
По целосно расчистување на случајот, ќе биде поднесена соодветна пријава.