Танкица беше скромна личност, мирна, послушна. Си го гледаше семејството, има три деца кои се полнолетни, две ќерки и син кои живеат одделно, возрасни се, има мајка. Ова што се случи можеше да се спречи, ако институциите реагираа на време и ја сфатеа сериозно кога го пријави Усеин во полиција – за ,,Фокус” раскажува лице блиско до свирепо убиената Танкица М. (46) од Кочани (идентитетот е познат на редакцијата на ,,Фокус”, но не е јавно објавен бидејќи нашиот извор се плаши за својата безбедност).
Утрово околу шест часот Танкица беше убиена со над 40 убоди од нож пред нејзината куќа, од страна на нејзиниот сограѓанин Усеин Р. (59).
Околу тоа што точно се случувало, нашиот извор вели дека се започнало пред повеќе од седум години, кога Танкица и Усеин еден период заедно работеле во конфекција, таа како шивачка, тој како пеглач.
-Во тој период на осаменост, не знам како се случило, таа имала контакт со него, не беше тоа ниту љубовна, ниту пак сексуална врска, и Усеин направил компромитирачка фотографија од неа. Значи, фотографијата не беше толку скандалозна, но Танкица беше скромна и мирна жена, се исплаши како ќе реагираат нејзините деца ако фотографијата заврши во јавност, како ќе реагира мајка и…
Тоа што Усеин е Ром, тој и го потенцираше, дека ќе биде уште поголем срам за неа, да дознаат сите дека имала нешто со него, едноставно ја заплаши и започна да и изнудува пари. Во овие изминати години не знам колку пари му дала за да не ја објави фотографијата, но знам дека подигна кредит за да го исплати. Тој не запре, бараше уште, ја принудуваше да подигне нов кредит – вели нашиот извор.
Проблемите на Танкица со Усеин се зголемиле откако таа започнала врска со маж со кого имала убав и среден живот. Усеин знаел дека партнерот на Танкица не знае ништо за фотографијата, па уште повеќе почнал да и се заканува, дека ако не му дава пари, ќе му ја покаже, и ќе и ја уништи врската.
-Танкица имаше среќен живот со партнерот, беше сакана и почитувана. По сите неубави работи кои и се случија, конечно имаше човек покрај неа со кого го делеше секојдневието, а Усеин во тоа виде уште подобра прилика да ја уценува. Постојано ми кажуваше за стравот од него, за заканите, и нејзини пријателки знаеа за него и за пеколот кој и го приредуваше.
Во мај таа веќе не можеше да издржи, и ми кажа дека го пријавила во полиција. Знаев дека многу внимаваше нејзиниот партнер да не дознае за пријавата, се плашеше дека ќе го изгуби, дека тој нема повеќе да сака да остане со неа.
Но, како што таа ми кажа, Усеин бил повикан во полиција на разговор, наводно малку го заплашиле повеќе да не и досадува и да не ја малтретира, и толку. Не знам зошто така го оставија, зошто и потоа не го следеа, тој е проблематичен човек, колку што знам и син му беше во затвор, значи цело семејство е склоно на прекршоци- појаснува нашиот извор.
Вели дека утрово кога се случил настанот, Танкица најверојатно тргнала да оди на работа. И нејзиниот партнер веќе бил заминат на работа, и таму му јавиле за трагедијата. Прашува како можело да се дозволи ова да се случи, да не се превенира, дури и откако жената официјално побарала помош.
-Не смееше да се дозволи вакава трагедија! Усеин наводно имал рак, па не се плашел што ќе му се случи, ниту дали ќе треба да оди во затвор. Танкица живееше во агонија поради него, а оние кои требаше да ја заштитат потфрлија! Не беше сфатена сериозно, таа добиваше закани по живот, немаше мир поради него, и и требаше многу храброст да го пријави во полиција, а за тоа да не дознаат нејзините деца и партнерот. Зошто Усеин заврши само со разговор во полиција, а не зад решетки, зарем никој не ја сфати сериозноста на ситуацијата, зарем не можеше да се процени дека тој е опасна личност, уште кога започнал да ја уценува? Мислам дека дури откако таа го пријави, тој уште повеќе беше гневен, не можеше да си дозволи така да ја остави, очекуваше пари од неа, очекуваше да живее врз нејзиниот грб, ја виде слаба и мирна, исплашена, па уште повеќе зеде сила. Инаку, тој има и сопруга, има семејство, а она со Танкица никогаш не беше никаква врска, туку очигледно смислен начин за да дојде до лесни пари, на сметка на нејзиниот мир, и на крај таа му ја плати сметката со нејзиниот живот – истакнува нашиот извор.
Порача институциите сериозно да ги сфатат пријавите од жени жртви на било какво насилство, на уцени и заплашувања. Да се превенира, а не да се полнат црните хроники со трагични настани кои можеле да бидат спречени.
-Децата останаа без мајка, мајката без ќерка, нејзиниот партер изгуби прекрасна и посветена жена. Усеин кога-тогаш ќе излезе од затвор и ќе си го продолжи животот. Зад себе остави пепел, а можеше се да биде поинаку ако Танкица беше заштитена како што треба. Ова да биде поука во иднина, оти жените кои пријавиле закани или насилство тоа не го прават туку-така, многу сила и храброст им треба за тој чекор. Најчесто се пријавува кога веќе се доаѓа до една безизлезна и очајна состојба, кога стравот е веќе премногу силен. А Танкица се плашеше за својот живот!Да не ги заборавиме и оние кои живеат во пекол, а не пријавуваат, токму поради тоа што немаат верба во институциите- раскажа нашиот извор.