Премиерот Зоран Заев и министерот за транспорт и врски Благој Бочварски денес први се возеа по експресниот пат Штип-Радовиш, кој е комплетно завршен со должина од 23,5 километри од клучката Штип-југ до Бучим.

-Оваа прва фаза е завршена на 22 април годинава, пред предвидениот рок, во услови на пандемија. Кога застана целиот свет, тука се работеше интензивно. Така, во рок од три години, согласно предвидената динамика добивме завршен проект по сите европски правила за подигнување на нивото на безбедност во сообраќајот и изградба на експресен пат по најсовремени стандарди – рече Заев, истакнувајќи дека во последните триесет години ова е единствениот пат завршен пред предвидениот рок.

Бочварски, пак, посочи дека експресниот пат Штип-Радовиш е од огромно значење и за економскиот развој на регионот ако се има во предвид дека, според него, овде работат околу 12 илјади мали и средни претпријатија.

-Сакам да информирам дека интензивно работиме и на изградба на втората фаза од овој експресен пат делниците од клучка Три чешми до Штип-Југ како и делница од Бучим до Радовиш. Очекуваме оваа делница комплетно да биде завршена средината на следната година. Овој експресен пат е дел од државната А4 рута, започнувајќи од граничен премин Блаце, преку обиколницата Скопје и новиот автопат до Штип, и преку овој експресен пат се поврзуваме со соседна Бугарија – рече тој.