Фудбалска Македонија е во шок по веста која пристигнува од Турција. Како што пренесуваат турските медиуми „Adana Masasi“ и „Yenicag“, претседател на фудбалски клуб кој се натпреварува во Првата македонска фудбалска лига (ПМФЛ) е уапсен под сомнение за шверц на злато.

Инцидентот се случил на 24 март на патниот правец Сиирт-Батман. Имено, полициските тимови за борба против криумчарење и организиран криминал запреле сомнително такси возило.

При деталниот претрес, кај патникот со иницијали Б.Х., кој бил идентификуван како македонски државјанин и претседател на спортски клуб, биле пронајдени златни полуги со вкупна тежина од 2 килограми и 581 грам.

Вредноста на запленетото злато се проценува на околу 300.000 евра. Против Б.Х. веќе е покрената судска постапка во Турција, а истрагата за целиот случај продолжува за да се утврди потеклото и дестинацијата на скапоцената пратка.