Позади веста за пронаоѓање на мртво машко лице над плажата во Башка на островот Крк, се чини дека има убиство од небрежност, пренесуваат хрватските медиуми.

Се` се случило во источниот дел на Башка, наречен Кричин, во тесна двонасочна улица над плажата. Таму, како што неофицијално дозна Нови лист, во еден момент возач на автомобил со загрепски регистарски таблички закачил со ретровизорот турист што зборувал германски јазик.

Тој се налутил и му го искорнал ретровизорот од автомобилот на невнимателниот возач, по што загрепчанецот излегол од автомобилот. По кратка расправија, возачот, како што изјавиле очевидци за Нови лист, го нокаутирал пешакот, кој починал на лице место.

Засега нема информации дали смртта била последица од самиот удар или дали несреќниот маж ја удрил главата од земја при падот. Повеќе детали за причините за смртта ќе бидат познати по обдукцијата.

Нови лист од соседите дознал дека обидот за реанимација на странскиот турист траел речиси еден час, но немало спас. Тие исто така наведуваат дека возачот можеби имал четириесет години, и дека повредениот турист бил десет години постар.

Полицијата се уште официјално не го коментирала инцидентот. Синоќа објавиле дека во саботата попладне добиле пријава за мртво машко лице на улица над плажата во Башка на островот Крк. Истрагата била спроведена на местото на настанот.

Според соопштението издадено од полициската управа Приморје-Горски Котар, „едно лице е приведено и се продолжува со истрагата за соодветните факти и околности што довеле до овој настан“. Телото на повредениот маж било пренесено во Институтот за судска медицина и криминологија за обдукција.