Во сообраќајна несреќа во урбаната белградска населба Земун Поле синоќа околу 21 часот загина 17 годишната девојка С.А., додека 19 годишна сестра е полесно повредена, објавија српските медиуми од местото на настанот.

Според неофицијални информации, несреќата се случила кога автомобил „пежо“ излетал од патот и удрил во семафор.

Имено, до несреќата дошло кога автомобил „пежо“ управуван од 16-годишниот И.Ј. излетал од патот и удрил прво во бетонски столб, потоа во дрво и на крај во бандера која што автомобилот после ударот ја преполовил на половина.

Се претпоставува дека до несреќата дошло бидејќи И.Ј. ја „прелетал“ кривината на патот со голема брзина и не можел да го контролира автомобилот.

Како што неофицијално објави српски Курир, малолетникот имал алкохол во крвта за време на сообраќајната незгода, а исто така немал возачка дозвола.

Покрај загинатата тинејџерка С.А. и поведената нејзина сестра М.А. (19), во несреќата се повредени и осумгодишното девојче Љ.Ј., десетгодишното момче Б.Ј., и С.В. (14) кои за среќа се здобиле со полесни телесни повреди и се пуштени на домашно лекување.

Како што изјави за Курир таткото на жртвата, Зоран А., тој не знае точно каде отишле неговите ќерки синоќа, но тие рекле дека ќе му се јават.

– Беа дома. И.Ј. дојде со автомобил да ги земе, требаше да излезат некаде. Не сум сигурен каде отидоа. Само рекоа. „Тато, ќе ти се јавиме“, рече несреќниот татко.

После тоа, слушнал за сообраќајната несреќа, но не знаел дека неговата ќерка настрадала, и дека тие биле во тој автомобил.

Неговата сопруга, мајката на загинатата тинејџерка, вели дека за сообраќајната несреќа дознала кога се вратила од продавница.

– Ми рекоа дека загинало младо момче, а не мојата ќерка, дури подоцна дознавме што се случило, изјавила мајката.

Инаку, повредената сестра М.А. се уште е во болница и не знае дека С.А. загинала. Нејзините родители досега не можеа да ја видат, а се претпоставува дека денес треба да биде пуштена на домашно лекување.

Зоран вели дека се слушнал со таткото на младиот човек кој управувал со автомобилот.

– Ми рече дека не знаел ниту дека синот зел автомобил, бидејќи немаат автомобил и дека во моментот кога го зел автомобилот, татко му спиел, рекол Зоран.