Една од важните пресвртници во животот е сигурно јубилејниот 40-ти роденден. Покрај бројните промени, нутриционистите советуваат и промена на начинот на исхрана, бидејќи е вистинско време да се отстранат некои намирници од менито.
Руската нутриционистка Зухра Павлова тврди дека после 40 години се гледаат последиците од невниманието од младоста. Сепак, не е ништо што здравите навики не можат да го решат и да му помогнат на вашето тело да избегне проблеми со срцето, црниот дроб, зглобовите и вишокот килограми.
„Можете да заборавите на чипс и газирани сокови. Разновидна исхрана е неопходна за одржување на целиот организам во здрава состојба. За да го постигнете тоа мора да јадете грашок, грав, леќа, наут, житарки и млечни производи“, објаснува Павлова и додава дека е неопходно нашето мени често да вклучува: морска риба, печурки, грејпфрут, зелен зеленчук, хељда, ореви, брокула, но и куркума и ким.
Исто така, нутриционистот истакнува дека е важно да се консумира што повеќе вода, бидејќи таа игра голема улога во функционирањето на организмот. Покрај водата, во секојдневната исхрана пожелни се и билните чаеви, пишува CityMagazine.
Што не треба да се јаде по 40-тата година?
Намалувањето на внесот на шеќер е основа за поздрав живот. „Шеќерот е една од намирниците со висок гликемиски индекс. Го забрзува стареењето на мозокот, одличн „гориво“ е за малигните клетки. Ги оштетува протеините на сврзното ткиво, кои ја стареат кожата, крвните садови и внатрешните органи. Дефинитивно мора да се откажете од соковите и колачите. Исто така, обидете се да го намалите белиот леб, тестенините, белиот ориз и житарките“, објасни Павлова.
Докторката потсети на штетата што може да ја предизвика брзата храна, бидејќи, како што објаснува, преработената и пржената храна, особено месото, предизвикува воспаление на црниот дроб, крвните садови и зглобовите, што резултира со проблеми со кожата, метаболизмот и зголемување на телесната тежина.