Маурицио Ѕампарини беше еден од најконтроверзните сопственици на клубови во Италија, а предводејќи го Палермо омилени специјалитети му беа несекојдневните изјави и честите тренерски смени.

Пред неколку години Ѕампарини го продаде Палермо, а сега е повторно актуелен во медиумите поради трагедијата која се случи во неговото семејство.

Армандо, 23-годишниот син на Ѕампарини и единствено дете од неговиот втор брак бил пронајден мртов во хотелска соба во Лондон, а засега не се познати причините за ненадејната смрт.

Наследникот на Ѕампарини студирал во Лондон, а одговорните за истрагата допрва ќе се обидат да ја детектираат причината за оваа трагедија.

Семејството не сакало да дава повеќе информации за случајот, а јасно е дека телото на Армандо ќе биде транспортирано во Италија, каде ќе биде погребан.