Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски за нападот на починатиот ракометар Денис Тот пред дискотеката „Привилиџ“ вели дека полицијата не можела брзо да реагира затоа што никој не го пријавил случајот од самото место на настанот, кој резултираше со две уапсени лица. Дополнително, министерот смета дека Хрватот претходно имал лични недоразбирања со 19-годишната девојка која учествува во неговото претепување во јавност.
– Најпрво сакам да отфрлам со индигнација се она што деновиве се пласира во јавноста за наводно сокривање на овој случај или застој во истрагата. Веднаш по добивањето на информацијата, која што не е добиена од лице место за нарушување на јавен ред и мир, односно за тепачката, туку истата е добиена дури од Клиничкиот центар во Скопје.
Нашите екипи излегоа кај Клиничкиот центар и тогаш започнуваат истражните дејствија. Во ниту еден момент немаме запирање се до моментот на целосно расчистување на случајот со поднесувањето на кривичните пријави, а тоа некаде во рок од 24 часа, изјави Спасовски на денешната прес-конференција.
За третото лице кое е недостапно за органите на прогонот, Спасовски вели дека ќе се распише наскоро домашна и меѓународна потерница.
За првото соопштение на МВР во кое беше наведено дека „нема видливи траги на насилство“ кај починатиот ракометар, Спасовски вели дека било изработено на основа на информацијата од Клиничкиот центар – Скопје.
– Полицијата располага со видео-снимка на која што детално се гледа како се одвива настанот. Но кој бил мотивот за нападот, тоа треба да го докаже истражниот оирган. Ние според изјавите што ги имаме, имало лично недоразбирање помеѓу девојката и момчето, одговори Спасовски на новинарското прашање за тоа кои биле мотивите за нападот.