Со допис до медиумите доцна вечерва се огласи Ивана Тасев, долгогодишна новинарка и ПР, која професионално соработува и со хоспитализираниот музичар Мирко Попов.

Таа во негово и во свое име, како негов ПР консултант, најљубезно ги замолува новинарите да не превземаат статуси (непроверени информации) од социјалните мрежи, каде овие два дена кружат лажни вести дека починал.

„Земете предвид дека Попов, пред се’ е родител на две деца и дека ги вознемирувате нив, а потоа и неговото поблиско семејство. Во овие тешки моменти за нив, ве замолувам да бидеме луѓе“, пишува во дописот.

Мирко Попов (51), еден од најпознатите македонски автори и продуценти на електронска музика, во вторникот беше хоспитализиран на една од скопските клиники. Неофицијално, причината за хоспитализацијата била обилно мозочно крварење.