Основачот на Microsoft, Бил Гејтс изјави дека светот мора да се подготви не само за нова пандемија, туку и за можни терористички напади со биолошко оружје, кои би можеле да бидат поопасни од ширењето на коронавирусот, пренесе BBC.

Во интервју за сајт на британската невладина организација Policy Exchange, Гејтс изјави дека мора да се потрошат милијарди долари на истражување за епидемиолошката безбедност и на развој на специфични механизми за борбата против заразни болести, со цел да се спротивставиме на нови можни закани.

Тој ја повика СЗО да основа посебна работа група за следење на епидемиолошките ситуации.

Според Гејтс, оваа структура исто така би можела да се подготви за можни напади од биотерористи, разработувајќи сценарија за отстранување од нивните последици.

„За работната група на СЗО за пандемија веројатно ќе бидат потребни околу милијарда долари годишно. Таа ќе ги надгледува и спроведува, како што ги нарекувам јас, „бактериолошките вежби“, изјави Гејтс во интервју со Џереми Хант, поранешен министер за надворешни работи на Велика Британија, кој моментално заседава со комитетот за здравство на британскиот парламент.

„Постојат природни епидемии и епидемии предизвикани со биотероризам“, ја објаснува Гејтс важноста за спречување на заканата од терористички напади со употреба на биолошко оружје.

Според Гејтс, огромните трошоци потребни за борбата против идните пандемии би можеле да донесат корист за човештвото, на пример ослободување од грип и настинки.

„Се надевам дека за 5 години ќе можам да напишам книга со наслов „Подготвени сме за следната пандемија“, но за тоа е потребно да се потрошат милијарда долари на истражување и развој.

Бизнисменот веќе предвиде големи медицински иновации.

„Добрата вест е што со развој и истражувања се дојде до работи потребни за борбата против следната пандемија како поевтинување на вакцините, изградба на големи фабрики, искоренување на грипот и настинките, правење вакцини во форма на лепенки на рака. Ќе бидат неверојатно корисни дури и кога не би имало пандемија“, вели тој.

Фондацијата на Бил и Мелинда Гејтс финансира различни медицински проекти, меѓу кои и развој на вакцини против ковид.