Шеснаесетгодишниот Б.С. од населеното место Лебане во јужна Србија синоќа е претепан во селото Пертете на приватна прослава на Свети Архангел во една семејна куќа, каде свирел со својот оркестар, јавуваат српските медиуми.
Во оваа тепачка му била скршена вилицата, а по укажаната помош во Ургентниот центар на Општата болница Лесковац е префрлен на понатамошно лекување во Ниш.
– Во Ургентниот центар во 22 часот е примен млад човек со скршеница на долната вилица. Истиот е испратен на понатамошно лекување на Максиофацијална хирургија во Ниш, вели директорот на Општата болница Лесковац, Небојша Димитријевиќ.
Според очевидци на настанот, тепачката се случила околу 21 часот, кога еден од пијаните гости ги нападнал него и членовите на групата и почнал неконтролирано да ги тепа.
– Да не беше сопругата да го спречи, сигурно ќе го убиеше момчето – наведува изворот на порталот „Решетке“, а пишува „Информер“.
Како што неофицијално дознаваат српските медиуми, човекот кој го претепал момчето излегол од затвор пред само неколку дена.
Од лесковачката полиција велат дека за овој случај наскоро ќе излезат со официјално соопштение.
За потсетување, синоќа во Лесковац имаше инцидент кога двајца 16-годишници нападнаа 23-годишен здравствен работник на улица, кој се враќал од работа во Ковид амбулантата околу 22 часот.
По кратка дискусија, еден од нив го избодел со нож. Двајцата малолетници се приведени, а младиот медицински техничар е опериран и е надвор од животна опасност.