Црногорката Маја Бучанин се занимава со не толку вообичаена професија – таа е стјуардеса на јахти, а сега објави видео на тема која многумина ги интересира, а тоа е колку заработува екипажот во јахтинг индустријата. Работата е напорна, донекаде непредвидлива и секако возбудлива, а според Маја носи и добра заработка.
– Најчестото прашање што го добивам кога објавувам видео од јахта е колку заработувам. Првата и основна работа која зависи од вашата плата во бродот е позицијата. Имаме капетан, прв офицер, босун, втор офицер, стјуардеса… Друго, платата зависи од големината на јахтата на која работиш, односно колку метри има бродот. Имаме јахти од 20 до 120 метри, а колку е поголема јахтата, толку е поголема платата. Трета работа – платата зависи и од типот на брод на кој работите. Имаме приватни јахти, имаме чартер јахти и приватни – чартер јахти – објасни Маја во своето видео на Тик Ток.
Таа во оваа прилика откри дека еден тип на брод посакуваат сите кои работат во оваа индустрија.
– Приватните јахти ги плаќа сопственикот на бродот, додека чартер јахтите (како „rent a car“) се издаваат, а покрај нормалната плата, задолжителен е и бакшиш. Сите сонуваат да работат на чартер бродови, бидејќи таму се добива бакшиш и до неколку илјади евра – изјавила оваа бродска стјуардеса.
Маја додаде дека цената за изнајмување на јахта се движи од 300.000 до 400.000 евра и дека во тој случај се подразбира голем бакшиш, пренесува Биз портал.
– Еден човек на ваков брод добива до 2.000 евра бакшиш. Чартер јахтите се најдобрата опција за работа – ги изненади Маја своите следбеници со оваа информација.
Како трета опција од која зависи платата, таа ги наведе приватните-чартер јахти, кои ги користи сопственикот на бродот, кои исто така се изнајмуваат, но не колку чартер јахти.
На крајот од своето видео објави табела со точните плати на персоналот, а како пример навела дека бродска стјуардеса која работи на јахта од 45 до 50 метри заработува 4.500-5.000 евра.