Недовербата на граѓаните во Хрватска кон вакцинацијата не е мала. Но, зошто не сака да се вакцинира речиси половина од помошниот медицински персонал во јавното здравство.
„Некои се чудат што не сакам да се вакцинирам, а сум медицинска сестра, па би требало полесно да ја прифатам таквата потреба. Но, можеби не сакам да се вакцинирам, токму затоа што сум сестра. Можеби повеќе се разбирам во некои детали за вакцината“, ни вели Ивана, медицинска сестра која работи во една болница во Загреб. Вкупно над 20 години работи во оваа струка. Не сака да и’ го откриеме презимето и болницата во која работи, бидејќи се плаши поради можноста системот да им се одмазди на антиваксерите.
„Јас притоа воопшто не сум антиваксерка, без разлика на тоа што некој ќе ме смета за таква. Само не сакам да се изложувам на ваква експериментална вакцина. Нуспојавите, според моите сознанија, се чести, неретко екстремно тешки, а сѐ уште не се сите ни познати. Па и кога се тестира некој нов лек, им се плаќа на оние на кои се тестира. Освен тоа, треба да подигам две деца, и не можам да си дозволам потешки нуспојави кои знаат да потраат со денови“, вели медицинската сестра која притоа не открива на што ги темели своите тврдокорни ставови.
Дискутабилни иРНК вакцини
Разговараме со Иван за да откриеме каде и зошто имат отпор кон вакцинацијата кај медицинските сестри и техничарите во Хрватска. Во средината на месецов беше објавено дека нивниот број достигнува 43 проценти, додека лекарите се речиси двојно понаклонети кон вакцините. Дали тогаш постои напнатост помеѓу овие две групи? Ивана вели дека нема, и оти за тоа многу не се зборува, но и дека се надева дека нема ни да има напнатост.
Ивана смета дека ниту една иРНК вакцина против коронавирусот не поминала предклинички истражувањи, така што, убедена е таа, тие автоматски се дискутабилни, а механизмот на нивното дејствување и се чини застрашувачки.
„Останатите вакцини за разни други болести, кои секако ги прифаќам, се тестирани и сигурни. Затоа нагласувам дека не сум антиваксерка и многу ми пречи кога ќе ме класифицираат меѓу нив. Но, сепак имам намера да ја чекам вистинската вакцина и дотогаш да се заштитам од заразување на други начини “, вели оваа медицинска сестра.
Учење во од
Ни другата наша соговорничка не сака да ја нарекуваат антиваксерка. Се вика Маја, а ни таа не сака да го објавиме нејзиното презиме и името на болницата, иако до нејзиниот телефонски број дојдовме преку нејзините надредени лекари. На оделот се знаат спротиставените ставови, но тоа не довело до комуникациски проблеми меѓу вработените. Се работи за една здравствена установа во Риека.
„Тоа не значи дека ние кои сме против тоа над нас нема во иднина да се врши значително поголем притисок, на пример од страна на државата. Запрепастена сум веќе и со сегашната кампања, јавните прозивања и со оцрнувањето. А, сомнителна сум кон вакцините, бидејќи знам дека добија дозвола само затоа што заразата го натера светот да побрза со постапката“, вели медицинската сестра Маја. Таа додава оти и натаму не се знае многу за болеста и за вакцините, дека се учи во од и дека има уште многу нејаснотии. И таа своите ставови ги изнесува без ниту една од овие тврдења да ги поткрепи со некој доказ.
„Сега сѐ уште не се знае доволно ни за соевите, па би почекала додека не биде сигурно. Во меѓувреме имам засилени грижи за маските, основната хигиена и слично. Ние сестрите сме во центарот на случувањата, постојано со пациенти, па барем нешто и знаеме. Лесно воочуваме разни контрадикции во врска со коронавирусот и со вакцините. А и разни несистематичности.“
Нееднаков третман на изолираните
Маја, имено, им забележува на властите за очигледните недоследности кои секогаш одново предизвикуваат расправи во јавниот простор, но и дополнителен отпор кон вакцинирањето. Смета дека поради тоа на многумина им е нанесена неправда. „Нееднаквиот третман е голем проблем. Живеам во гратче во близината на Риека, додека бев во изолација, требаше секој ден да се покажувам на балкон. За луѓето во Риека не беше така. И потоа се чудат зошто не им веруваат луѓето. Да не зборувам за интересите во позадина, за тоа дека фармацијата е еден од најголемите бизниси“.
Оваа медицинска сестра нагласува оти притоа не ги наговорува другите да не се вакцинираат, туку и на сопствените деца им ја оставила одлуката целосно самите да решат дали да се вакцинираат или не.
Но, каде, тогаш, е објективната вистина и зошто повеќе не се афирмира? Одговор побаравме Дагмар Радин, професорка и истражувачка на јавните здравствени политики на Факултетот за политички науки во Загреб.
Нема простор за шпекулации
„Зависи од која гледна точка набљудуваме. Генерално, ако нашите цели се одржлив и функционален систем на здравствена заштита, потребен ни е и вакциниран персонал “, изјави Радин за ДВ, додавајќи дека ова значи – вакцинација со најдоброто што е достапно во даден момент. „Но, ако ги релативизираме науката и сè што знаеме за вирусот Ковид-19“, продолжи таа, „ќе дојдеме до тоа дека буквално сè е сомнително“.
„Сепак, некакви темели мора да имаме. Точно е дека се брзаше со вакцините, бидејќи практично немаше друг избор, но исто така треба да се каже дека денешната технологија е далеку понапредна од онаа што создаде други вакцини со кои се вакцинираме со децении. На крајот, би очекувала повисоко ниво на доверба во науката од страна на медицинските сестри “, потенцира Радин.
Таа потоа појаснува дека медицината не е егзактна наука, бидејќи исходите не можат да се предвидат со 100 процентна сигурност. Но, дури и ова не значи дека е оставен простор за шпекулации: „Затоа мислам дека е неприфатливо, од гледна точка на политиките за јавно здравје, некои здравствени работници да постапуваат спротивно на општата безбедност“.
„Ако сакате и филозофски, вашата индивидуална слобода може да оди до точка до која не ја загрозува заедницата. Особено ако како медицинска сестра работите на пример со онколошки пациенти кои не можат да примат вакцина. Затоа би се залагала за обврска за вакцинирање меѓу здравствените работници и уште некои работници, а друго прашање е колку е тоа политички изводливо “, заклучува Дагмар Радин.