Несекојдневен настан се случил изминатиот викенд во угостителски локал во Скопје, кога музичката група ,,Скопски боеми” одбила да настапи на свадбена веселба, бидејќи сфатиле дека сватовите сакаат да ги прекршат мерките , пишува Фокус.

Имено, бидејќи временските услови не биле најпогодни, кога музичарите пристигнале во локалот, каде според протокол било договорено да настапат на отворено, им било кажано дека младенците бараат забавата да се одржи внатре, во затворен простор.

Горјан Стојановски, кој е дел од музичката група, а истовремено и претседател на Здружение на естрадни уметници, за ,,Фокус” ја потврди веста.

Вели дека без размислување ја напуштиле свадбата и ги оставиле сватовите без музика, бидејќи музичарите не сакале да ги прекршат здравствените протоколи.

-Времето не беше добро, но тоа не значи дека некој има право да си игра со протоколите и да го доведува здравјето и животот на останатите во прашање. Веднаш, без двоумење им кажавме на младенците дека нема да настапуваме внатре, во затворен простор. Не само поради можноста да дојде инспекција и да бидеме казнети, туку и поради тоа што сакаме да си го сочуваме чист образот.

Настана незгодна ситуација, имаше обиди за преговарање, но ние бевме категорични. Се разочараа младеницте и сватовите, но ова е време кога сите мора да покажеме високо ниво на свест. Доволно страдаше целата музичка фела поради забраната за настапи, никој не смее да си дозволи, за никакви пари да помисли на кршење на мерки. Се надевам дека нашиот гест ќе им биде поука на сите колеги – појаснува Стојановски.

Вели дека кризата доста лошо се одрази врз естрадните работници, и како сега, кога состојбата започнува да се враќа во нормала, потребна е обединетост и зрелост од сите страни. Додава дека ниту сватови, ниту пак музичари не можат да одат против правилата, бидејќи на тој начин може да се нанесе голема штета и на двете страни.

-Сведоци сме на кризното време кое не погоди. Сега, кога веќе се даде зелено светло за свадбите, се мора да оди според протокол. Не знам уште колку време ќе им биде потребно на многу колеги да ја надминат кризата, бидејќи долг период не заработуваа и се снаоѓаа кој како знае и умее. Не смее да се прокоцка оваа шанса со несериозно однесување.

Но, сведоци сме и дека сега, кога се дозволија забавите и настапите, веднаш започнаа да ни доаѓаат и да ни се најавуваат гости од соседството. Тоа е нешто кое мора да се регулира најбргу што може – вели музичарот.

Како претседател на ЗЕУМ, раскажува дека веќе имаат размислувања како на правен начин да се решат гостувањата на странските музичари кај нас.

-Ќе формираме Комора, ќе работиме на тоа да се променат или пак дополнат некои закони. Општински пари за странски музичари нема да се даваат повеќе на гости од други земји. Доколку некоја општина сака гостин од странство, нека си го плати од спонзори, а не од државни, односно народни пари! И за музичарите кои доаѓаат од страна преку разни продукции, а кои дебело ги наплаќаат гостувањата, да треба да си платат одреден процент од хонорарот во Комората.

Само така може да се стави ред и да се надмине оваа состојба, која еве, веднаш по разлабавување на мерките, пак започна да се практикува. Јасно ми е дека продукциите кои ги најавија концертите на музичките гости од странство сакаат да соберат повеќе народ, за да побргу си ги повратат финансиските загуби, ама мора да се има ред. Не може нашите, во наша земја, да ги ставаме во спореден план – вели Стојановски.

Околу настанот со свадбата кој е главна тема во естрадните кругови овие денови, потенцира дека е нешто кое секој совесен човек би го направил, без оглед на изгубениот хонорар.

-Достоинството, моралот и работењето според протоколи мора да станат редовна пракса на естрадата. Само така може да очекуваме да бидеме сфатени сериозно и да се избориме за нашите права – изјави музичарот и претседател на ЗЕУМ, пишува Фокус.