Тажна вест доаѓа од Хрватска каде на 23-годишна возраст почина фудбалерот Марин Чачиќ откако доживеал силен инфаркт.
Чачиќ, кој оваа сезона настапуваше за Нехај од Сењ, бил на тренинг кога му се слошило, а подоцна во болницата во Риека било утврдено дека имал тежок срцев удар.
За жал, младиот играч набргу почина, а за оваа трагедија се огласи и НК Јединство од Бих, каде до пред неколку месеци настапуваше младиот фудбалер.
– Почивај во мир Марине. Засекогаш во нашите срца, пишува на официјалната страница.
На првиот ден од новата година требаше да го прослави својот 24 роденден.
Лекарите се бореа три дена да го спасат, давајќи се од себе, јавуваат хрватските медиуми.
„Да, Марин почина денеска“, потврди претседателот на клубот Јурица Томљановиќ за хрватскиот портал 24sata.hr. Тамошните медиуми јавија дека колабирал поради срцев удар, чија причина е непозната.
Марин беше во индуцирана кома, а поддршка доби од целата земја и од регионот. За жал, тој не успеа да се избори, а на неофицијалната Фејсбук страница на клубот веста за неговата смрт беше објавена со песна на Сергеј Есенин.