Наместо да слави со роденденска торта, насмевки и најдобри желби, семејството на трагично загинатиот млад српски фудбалер Кристијан Миошко од Вршац, во вторникот на неговиот 19-ти роденден неутешно пукна во солзи. Таткото, мајката и помалата сестра, занемени од болката, добија сочувство од пријатели и роднини во нивната куќа на улицата Поп Маринкова, но утеха немаше, пишуваат вечерва српските медиуми.

Овој тинејџер загина во понеделникот наутро, меѓу четири и пет часот, заедно со неговиот пријател, исто така фудбалер, Маријан Матиќ (20), родум од селото Јасеново кај Бела Црква.

Автомобилот што го управувал Кристијан под засега неразјаснети околности преминал од десната на левата коловозна лента, ја пробил оградата на мостот на влезот во вршачкото село Влајковац и паднал во каналот Дунав-Тиса-Дунав. Дуи во околу осум часот наутро, по дојава дека возило е излетано во вода, биле пронајдени нивните безживотни тела, заглавени меѓу задното седиште и багажникот.

– Кристијан во неделата однапред го прослави роденденот со друштвото. Тие биле во Вршац, а потоа заедно со Маријан однеле пријател во блиското село Загајица, каде што е роден. На враќање им се случи таа страшна трагедија – вели за „Новости“ близок пријател на семејството Миошко.

– Тие се прекрасно семејство. Пред неколку години се преселиле од Загајица во градот. Купиле убава куќа, таму го нашле својот мир, но, за жал, никогаш повеќе нема да имаат мир во нивните души.

Страшно беше во вторникот и во Јасеново. Роднини и пријатели дојдоа во куќата на улицата Сава Мункана, каде што живеат таткото, бабата и дедото на Маријан Матиќ. Присутни беа и двете сестри и мајката на Маријан, кои живеат во Вршац. Од болницата Вршац чекаа погребниците да го предадат неговото тело, за во среда сите заедно да го погребаат.

– Татко ми не дозволи да се направи обдукција, па не знаеме од што точно починале момчињата. Тие веруваат дека се удавиле и не сакаат дополнително да се говори за тоа, ниту да ја продолжат оваа агонија. Сето тоа им е доволно болно – ни изјави близок роднина на Матиќ.

За овој млад човек соседите имаат само пофални зборови. Велат дека бил прекрасен и многу надежен фудбалер. Откако неговите родители се развеле, тој повеќе време поминувал во Вршац, но често доаѓал и во Јасеново.

– Долго време живееше во Романија, мајка му е родена таму. Заврши специјално училиште за фудбалски таленти во Темишвар, а пред две години почна професионално да се занимава со овој спорт. Играше во романската втора лига. Имаше големи планови, сакаше да се занимава со кариера во странство, но судбината сакаше предвреме да му заврши животот – вели еден од соседите.

Со понатамошна истрага треба да се утврди дали возилото во кое загинаа младите било исправно во моментот на несреќата, со која брзина возел Миошко, како и дали имале контакт со друго возило.

Двата погреба во среда

Добрите пријатели, кои загинаа заедно, ќе бидат погребани истиот ден. Погребот на Кристијан Миошко ќе се изврши во среда во 12 часот на Градските гробишта во Вршац, додека Маријан Матиќ ќе биде погребан во 14.30 часот на селските гробишта во родното Јасеново.