Каде и дали е можно да се оди на море во октомври, односно дали ваквата идеја е воопшто исплатлива, со оглед на температури кои се далеку од летните месеци. Но дали има места на кои можете да отидете на одмор дури и во октомври и да бидете задоволни?

Луѓето често избираат да одат на одмор во вонсезона поради пониските цени и помалата гужва, пишува порталот Грчкаинфо. Одморот во октомври, исто како и во мај, носи одреден ризик поради променливото време, но доколку се поклопат сите коцки, може да биде незаборавно искуство и целосно задоволство.

Каква е Грција во октомври?

Секако е добро да се држиме до почетокот на месецот. Искуствата велат дека треба да се избегнува северот на Грција и Халкидики, кои се омилени дестинации на регионалните туристи, меѓу кои и Македонците. Иако температурите на воздухот се генерално пријатни, морето генерално не е погодно за капење.

Многу посигурно и подобро е да се одлучите за јужниот дел на државата, советуваат на споменатиот портал. Родос и Крит се истакнаа на самиот врв на листата на препораки. Крит може да се пофали со голем број сончеви денови во годината, а сезоната се протега дури и до ноември! Туристите велат дека тогаш нема гужви, но островот не е пуст.

Санторини и Миконос се веројатно најпознатите и најексклузивните грчки дестинации, а во екот на сезоната се прилично скапи, поради што октомври е еден од најдобрите периоди за посета, додека искуствата на туристите велат дека тогаш температурите се движат околу идеални 30 степени.

Лефкада важи за една од најдобрите дестинации, но треба да се има предвид дека во тоа време голем број објекти се веќе затворени. Крф е исто така чест и добар избор, а туристите пријавиле и позитивни искуства со Пелопонез, Нафплио, Карпатос, Кефалонија, Закинтос, Глифадас, Кос. Велат дека во Парга во текот на октомври уживале во температура од 30 степени, а на островот Егина може да се плива и во ноември.

Кипар е најдобар избор

Поради својата локација, многу туристи го предлагаат Кипар како еден од најсигурните избори за одмор во октомври. Сезоната на Кипар трае до крајот на ноември, а одморалиштата се уште се полни во октомври. Тоа е остров со околу 340 сончеви денови во годината.