Селекторот на фудбалската репрезентација на Македонија, Игор Ангеловски и капитенот Горан Пандев зачудувачки, по поразот од Украина со 2-1, одлучиле напуштајќи го задолжителниот „бабл за ЕВРО 2020“ вечерта да ја минат со своите сопруги во еден од најелитните ресторани во Букурешт, притоа снимени од романските медиуми.

Македонската репрезентација на ЕВРО 2020 е во „бабл“ (затворен балон), согласно прописите на УЕФА, па од таму крајно изненадувачки е одлуката селекторот и капитенот да си ја минат сами вечерта по ресторани во Букурешт, наспроти останатите репрезентативци кои се во хотелот „Мериот“ во Букурешт.

Пандев и Ангеловски заедно со сопругите и децата од страна на романски „Про-спорт“ се снимени во комплексот Херастрау, кој е еден од најелитните во романската престолнина. Крајно зачудувачки однос на селекторот во време на се уште наш актуелен настап на Европско првенство!

Македонија со победата на Холандија над Австрија ги загуби сите шанси за пласман во нокаут-фазата на Европското првенство 2020, па патувањето во Амстердам ќе биде без резултатско значење, единствено за престиж. Но, тоа апсолутно не може да значи еден ваков однос на селекторот и капитенот, пишува спорткиот портал ЕКИПА.