Украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска изјави дека Русија мора да престане да ги бомбардира украинските градови пред да започнат преговорите за целосен прекин на огнот, откако првата рунда разговори меѓу двете страни оваа недела не даде резултати.

Во интервју од добро чуваниот владин комплекс, Зеленски ги повика членките на НАТО да воведат зона на забранети летови за да ги запрат руските воздухопловни сили, нагласувајќи дека тоа ќе биде мерка на претпазливост што не треба да ја вовлече Алијансата во војна со Русија.

Зеленски, кој ги одби понудите да го напушти главниот град додека руските сили напредуваат кон Киев, исто така рече дека неговата земја ќе бара законски обврзувачки безбедносни гаранции доколку НАТО ги затвори вратите за Украина за членство во Алијансата.

– Додека Русија е подготвена да го нападне Киев, разговарав со претседателот на Украина Зеленски во неговиот бункер, напиша новинарот на CNN, Метју Шанс на објавената фотографија на Твитер.

Зборувајќи за украинските услови за понатамошни разговори со Москва, Зеленски во заедничкото интервју за Си-Ен-Ен и за агенцијата Ројтерс рече дека е потребно само да се запре руското бомбардирање на цивили, а потоа да се седне на преговарачка маса.

Телефонски разговор Бајден – Зеленски

Украинскиот претседател Володимир Зеленски нагласи во телефонски разговор со американскиот претседател Џо Бајден дека е важно да се запре „агресорот“ Русија што е можно поскоро.

„Само што имав разговор со американскиот претседател. Разговаравме за антируските санкции и за одбранбена помош за Украина. Мора да го запреме агресорот што е можно поскоро“, објави Зеленски на Твитер по повикот.