Австриската инфлуенсерка Стефани Пипер (32), која минатата година беше убиена, можеби била сè уште жива кога нејзиниот убиец ја ставил во куфер и ја закопал во шума во Словенија, соопшти обвинителството во Грац.
Според истрагата, на лицето на жртвата биле пронајдени повреди кои укажуваат дека таа можеби се обидувала да се ослободи од куферот. Обдукцијата, сепак, не успеала со сигурност да утврди во кој момент настапила смртта.
„Постои реална можност таа да била жива кога била ставена во куферот, но исто така е можно претходно да била убиена со давење“, соопштиле од обвинителството.
Телото било пронајдено околу една недела по нејзиното исчезнување, а првичните наоди укажувале дека смртта настапила како последица на гушење.
Пипер последен пат била видена на 23 ноември на божиќна забава, по што на пријател му испратила вознемирувачки пораки дека има „чуден човек во скалиштето“. Следниот ден не се појавила на закажано фотографирање, по што била пријавена како исчезната.
За убиството е осомничен нејзиниот поранешен партнер, кој бил уапсен и подоцна признал дека го сторил делото. Според неговиот адвокат, злосторството било извршено под дејство на кокаин.
Осомничениот е екстрадиран во Австрија и се наоѓа во притвор, а судењето се очекува да започне во текот на оваа година.

