Скромна, семејна жена, вработена како сметководителка на Факултетот за безбедност, која тргнала во оптика да си ги подигне очилата на 22 март 2022 година, но никогаш не се вратила дома.
Виолета Крстевска Јаневска од Кисела Вода, тогаш 60-годишна, е едно од лицата во земјава кои со години се водат како исчезнати. На денот на исчезнувањето, откако ги подигнала очилата, излегла од оптиката и и се изгуби трагот.
Одговорна жена посветена на фамилијата, со ситна градба, која секогаш ги известувала блиските каде ќе оди, исчезна среде бел ден, а до денес нема никакви сознанија за нејзината судбина. Откако не се вратила дома, ќерката започнала да и ѕвони на мобилниот телефон, два часа не одговарала на повиците, а потоа телефонот и се исклучил.
-Цело семејство е вознемирено, станува збор за жена без здравствени проблеми, која никогаш не би заминала без да ни каже каде оди, во повеќе наврати ни изјави нејзината ќерка Ангела, која набргу по исчезнувањето, бараше волонтери, кои би помогнале во потрагата и апелираше за помош од јавноста. Сепак, потрагите не вродија со плод, и до денес не се дозна што се случило со тивката и скромна сметководителка.
Во периодот кога исчезна Виолета, само во Скопје се случија три мистериозни исчезнувања, кои до денес не се решени. 19 дена пред неа, односно на трети март од Волково исчезна 84-годишната Рада Иванова, а пак на петти јануари од Аеродром исчезна 61-годишниот Роберт Плескоњиќ.
Фотографиите од овие лица се објавени на официјалната страница за исчезнати, при МВР.

