Турчинот Мехмет Озјурек има најголем нос во светот. Поточно, Мехмет е жива личност со најголем нос на светот и како таков влезе во Гинисовата книга на рекорди.

71-годишниот старец од Турција го собори рекордот во 2010 година кога гостуваше во италијанска ТВ емисија наречена „Lo Show dei Record“ со цел неговите димензии да бидат измерени од професионалци.

Се разбира, не мора да значи дека ова е најголемиот нос на планетата, но е најголемиот што е измерен и внесен во Гинисовата книга на рекорди.

Носот на Мехмет е долг неверојатни 8,8 сантиметри, а наскоро ќе следи ново мерење за да се утврди дали и колку пораснал во овие 11 години.

Бидејќи носот е еден од ретките делови на телото, заедно со ушите, кој продолжува да расте со возраста, многу е веројатно дека мерењето повеќе од една деценија подоцна ќе покаже дека Мехмет го соборил неговиот личен рекорд.

Сепак, Озјурек нема најголем нос во историјата на човештвото.

Според извештаите, Томас Ветерс, попознат како Томас Ведхаус, имал најголем нос досега. Циркузант од Јоркшир, кој живеел во 18 век, наводно имал нос долг 19 сантиметри.

Дали овој турски „Пинокио“ го урна рекордот и за колку, ќе дознаеме во догледна иднина, иако е многу тешко да го надмине Томас.