Нашиот најдобар фудбалер, интернационалната фудбалска ѕвезда Горан Пандев последните месеци со семејството се во својата родна Струмица. Струмичани често можат да го забележат низ градот, во рестораните, кафулињата… Вечерва спортски со сопругата Надица си пешачеа низ струмичкото корзо.

Горан во четврток ќе полни 39 години, од лани е во фудбалска пензија. Неодамна продаде 90% од акциите својот клуб ФК „Академија Пандев“, кој сега го носи името на новиот сопственик ФК „Брера“. Тој сé уште е дел од клубот како претседател на Одборот на директори.

За роденденот на Горан Пандев во четврток ФК „Брера“ најавува уникатна прослава со дружба на Горан Пандев со сегашни и идни таленти. Во чест на Горан, струмичкиот прволигаш ќе организира отворен фудбалски ден, на кој меѓу другото на граѓаните кои ќе дојдат ќе им ги презентираат условите во кои работат, како и сите новитети поврзани со младинската школа на „Брера“.

„На теренот на Спортско-рекреативниот центар „Пандев“ се планираат голем број игри, возбудувања доделувања на награди за сите што ќе бидат присутни. Основачот и претседателот на клубот изрази желба во четврток својот роденден да го прослави со сегашните и идни фудбалски таленти на Струмица“, објавија на Фејсбук „Брера“.