Расадник, дел од скопска Кисела Вода е новата проблематична зона, каде што дел од жителите го креваат својот глас, барајќи нов градски парк, наместо бетон, објави телевизија 24.

Плановите за градење на нови згради се ставаат под прашање за овие жители, кои преку протести и петиција најавуват дека ќе го оспоруваат планот за Градска четврт Ј14, бидејќи сметаат дека заслужуваат нов градски парк кој ќе биде лоциран во централниот дел на Расадник а околу да го следат зградите. Планот за Расадник е околу 90 нови згради од 5 до 12 ката, кои ќе ги загушат дополнително скопјани- и токму затоа се борат за трошка кислород, трошка зеленило.

МПЦ и на оваа локација има земјиште – предвидена е црква, но граѓаните бараат таа да се повлече во внатрешниод дел или да го ослободи просторот за паркинг места и проширување на улицата. Суспензија и јавен конкурс кои ги бараат жителите, за градоначалникот Филип Темелковски се неприфатливи, додека идејата за градски парк е делумно прифатлива.

Планот за Расадник го следи Генералниот урбанистички план, но жителите се револтирани што државата ниту една клучна локација не ја спаси од градежната експанзија, инвеститорите и бетонирањето на секое слободно земјиште.

Граѓаните согласни дека на Скопје му треба чист воздух но и многу повеќе зелен простор. Прашањето е дали Расадник ќе биде плодна почва каде ќе заиграат багерите или можеби ќе се најде заеднички компромис помеѓу бетонот и зеленилото како урбан простор за живеење.

Протестот го гледаат како една од алатките кои го најавуваат доколку не бидат слушнати нивните барања. Дополнително, на денешниот Светски ден на парковите потсетуваат дека Расадник би можел да биде парк кој ќе има голема улога во зачувувањето на здравјето на луѓето, а заради континуирано урбанизирање, од витално значење е да се создадат повеќе можности граѓаните да престојуваат во природа.