Животот на нашето единствено дете, ќерката Магдалена, беше прекинат на најсвиреп можен начин од страна на деликвент, лице со одземена возачка дозвола, со забрана за управување на возило, со низа на сообраќајни прекршоци, пијан, возејќи со огромна брзина, во населено место на 17-ти декември 2022 година.
Иако тогаш медиумите известија дека настанот се случил на пешачки премин, вистината е дека ние веќе бевме дојдени до тротоарот кога тој не покоси, за „Фокус“ раскажува Емилија Иванова, мајка на 11-годишната Магдалена од Велес, која го загуби животот во сообраќајката, а Емилија беше повредена.
Сторителот на делото, Ангелчо Николов потоа се даде во бегство и беше приведен по два дена криење. Првично, во велешкиот суд му беше изречена казна затвор во траење од 18 години, за да потоа Апелациониот суд Скопје драстично му ја намали казната на осум години затвор. Тој доби седум години и шест месеци за кривичното дело „Тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот“ и за кривичното дело „Неукажување помош на лице повредено во сообраќајна незгода“, беше потврдена истата казна затвор со првостепената пресуда, од една година, па за двете дела му се изрече единствена казна затвор во траење од осум години.
Како причина за ублажената пресуда, беше наведено тоа што Николов бил млад, не бил оженет, признал вина, изразил каење и ветил дека нема да го повтори делото.
Мајката на Магдалена за „Фокус“ вели дека редовно ги следи сите случаи во земјава, кога невини животи се одземени од страна на возачи – деликвенти, кои без трошка сообраќајна свест, безобзирно управувале возило, со огромна брзина, без возачка дозвола, пијани, со огромна брзина. Додава дека според досегашната пракса, правична пресуда во нашата земја, за вакви тешки дела – не видела.
– Досега ниту еднаш не се огласив јавно, не дадов интервју, не излегов пред камери. Се повлеков и молчев, затоа што знам дека овде правда нема! Нашето судство не води грижа за мртвите, не се води грижа за нивните родители, за кои после трагедијата нема живот! Првенствено се гледа како да му се даде шанса за добар живот на сторителот, кој свесно со своите неодговорни постапки зацрнил семејство!
Го следам случајот со Фросина, ги следам сите вакви случаи! Казната од осум години за деликвентот кој ни ја одзеде Магдалена, и со тоа ни ги одзеде и нашите животи, воопшто, ама воопшто не може да биде нешто со кое било кој родител ќе може да каже дека е задоволен, дека е правична! Не зборуваме овде за сообраќајка која се случила ненамерно, од невнимание, кога пешак претрчал на необележан премин, или нешто слично! Тука зборуваме за лице кое долг период така функционирало, си дало за право со одземена возачка дозвола, под дејство на алкохол, во многу наврати да управува со возило, со голема брзина, низ град, каде веројатноста дека ќе предизвика трагедија и ќе одземе невин живот е огромна! Но ете, не му било грижа!
Кога деновиве читам коментари, колкава казна за вакво дело би била правична, од гледна точка на родител кој изгубил дете на ваков начин, би рекла ниту сто години затвор не се доволни! Но, сите сме свесни дека тоа не функционира така, а правниот систем во земјава треба да покаже свесност за овие дела, и да започне да ја применува максималната пропишана казна, посебно кога се работи за случаи кога обвинетиот е докажан сторител на сообраќајни прекршоци и чија свест не проработила, па продолжувал со истите практики на безобзирно возење.
Само така, ќе може да зборуваме за некаква правда, иако за нас правдина никогаш во животот ќе нема, раскажува Емилија.
Случајот со Магдалена, вчера пред камери го спомна и Сашко Дуковски, бранител на Васил Јованов, кој ја прегази Фросина Кулакова и кој беше осуден на 12 години затвор. Според Дуковски, казната на Јованов била превисока и ќе барал истата да се намали, и го наведе случајот од Велес, кога сторителот имаше еден прекршок повеќе – побегна од местото на настанот, и доби осум години затвор. Кажуваше и дека слична сообраќајка, на истото место во Скопје, завршила со пресуда од 3,5 години затвор.
Околу овие тврдења, дека три, четири, па и осум години затвор за вакво дело се соодветна казна, Емилија вели дека обвинителите и судиите треба да ги прашаат мајките на децата чии невини животи биле одземени, без нивна вина, каков живот имаат по трагедијата, па потоа да размислат како ќе постапуваат.
– Во нашиот случај, кога на правдина ни беше одземено детето, ни беа одземени нашите животи! Ама родителот никој ништо не го прашува, ние немаме никакви права! Да ви кажам како живеам јас, да ви кажам како живее мајката на Фросина, како живеат сите овие родители. Со седативи! И така, постојано под седативи, нашата болка никогаш нема да се намали! Одиме на работа, се враќаме, легнуваме, механички функционираме. Ние веќе на ништо не се надеваме. А кога ќе му се одземе на човек надежта, одземен му е и животот! На што да се надеваме, на што да се радуваме, за кого да работиме, создаваме?
Ние останавме со празни раце и прегратки, така само дишеме, како да не нема. Постојано гледам, како да очекувам да си го видам детето од некаде, ама оваа болка само оние кои изгубиле дете можат да ја разберат. Дури и кога ништо не е како што треба во животот, доволно е само да си го видиш детето, да си го прегрнеш, и се ќе биде добро. Нам, тоа ни е за навек одземено!
И најболното е тоа што остана прашањето – Зошто? Зошто никој не го запрел деликвентот, зошто му се дозволило, со сите претходни прекршоци да продолжи да вози? Поради кого и поради што загина нашето дете? – прашува мајката.
Вели дека е разочарана поради намалената затворска казна на Николов, но исто така потенцира дека и неговите сопатници во возилото, кога ја прегази Магдалена, успеале да се извлечат беа соодветна казна.
– Сопатниците никој не ги ни спомнува! Тие се исто соучесници во случајот! Биле со него во возило, знаеле дека е пијан, му дозволиле без возачка да седне зад волан, да вози пребрзо, ниту го спречиле, не реагирале, ама се извлекоа без казна!
Откако му беше намалена казната, и тоа дури за помалку од половина, значи од 18 на осум години затвор, ние реагиравме до Врховниот суд. Ниту самата веќе не знам колку пати одам во велешкото обвинителство, да видам до каде е работата, наидувам на еден комплетно игнорантски однос од страна на обвинителката.
– Не доаѓајте, кога ќе има нешто, ние ќе ве известиме, ми кажува. Како да не доаѓам? Како да не прашувам? Уште колку да чекаме? Ние доаѓаме во име на нашето дете! Кој ќе дојде, ако не ние, родителите? Ние сме гласот на Магдалена! Да оставиме ли се да падне во заборав? Еве, јавно прашувам, кога ќе бидеме удостоени да добиеме одговор? Само разочарувања, и повторно се враќаме на она, дека овде правда нема!
И по нашиот случај следеа уште многу слични трагедии, слични пресуди, неколку години затвор во замена на човечки живот.
И не можам, а да не кажам, кога некој смета дека осум години затвор е соодветна казна за делото, а има и казни од по три, четири години затвор за слични дела, како да се направи споредба со казната од четири – пет години затвор за човекот кој ја искуба поранешната министерка Радмила Шеќеринска? Како за некакви ситни кражби може да се суди исто како за одземен живот?
Која е поуката? Или, казните се даваат според статус, обичниот граѓанин секогаш е ставен во втор ред. Па, висока казна за неправедно одземен човечки живот треба да биде поука и за секој еден кој во иднина ќе се осмели да вози спротивно на прописите и да ја стави во ризик безбедноста на граѓаните, вели Емилија.
На сите родители кои се нашле во ситуација како нејзината, вели дека што и да им порача, свесна е дека утеха никој не може да им даде. Конкретно, за родителите на Кулакова, кои набргу по трагедијата излегоа во јавност, вели дека таа немала сили за такво нешто, но првенствено, изгубената верба во правдата било она поради кое молчела целото време.
– Повисока затворска казна не може да ни ги врати децата, не може да ни го врати нашиот живот, ама донекаде може да ни донесе некаков мир. Вака, за пет-шест години, ако не и порано, осудениот за смртта на Магдалена ќе излезе од затвор, ќе си продолжи со животот, ќе треба дури и да го сретнувам и гледам низ град!
Најболно ми е тоа што во велешкиот суд, судијката Габриела Гајдова кажа дека освен што претходно изречените казни не влијале над него, тој не изразил вистинско каење за делото. Во скопска апелација пак, токму тоа, што наводно се каел, беше земено како олеснителна околност.
За да се се спасат од висока казна, сите обвинети ќе кажат дека се каат, ќе изразат сочувство. И кога како образложение за шокантното намалување на казната, беше кажано дека тој е млад и треба да се ожени, да создаде семејство, прашувам дали судиите се свесни за тоа дека и Магдалена беше млада, беше само невино дете, кое никогаш нема да биде матурантка, нема да стане возрасна личност, нема да формира свое семејство, нема да биде дел од оваа заедница, воопшто не по своја вина!
Може ли да се измери и да се спореди, колку изгубил сторителот што жив и здрав ќе помине неколку години во затвор, со она кое го изгубивме ние? Можат ли оние кои судат, да се стават во наша кожа, барем за миг? – прашува Иванова.
Додаде дека на семејствата кои минуваат низ иста голгота им порачува да бидат силни, но и дека за жал, само оние на кои им се случила таква неправда, можат вистински да ги разберат.