Поранешниот шпански фудбалер Хозе Игнасио Пелетеиро, попознат како Јота (32), премина во ислам. Ова го откри неговиот пријател од Кувајт Фајсал Бурешли во видео кое се појави на социјалните мрежи.
Од овој шпански фудбалер во Астон Вила очекуваа многу кога го доведоа. Играше за Брентфорд и Бирмингем, како и за Б тимот на Реал Мадрид, пред да се пресели во Астон Вила, но за славниот клуб одигра само 16 натпревари и постигна еден гол.
Во 2022 година ја заврши кариерата и инвестираше пари во компанијата за земјоделска технологија Гроин. Поранешниот офанзивен играч за врска сега е мнозински сопственик, а компанијата влезе во партнерство со шпанската влада што според проекциите треба да доведе до скок на вредноста на компанијата до вртоглави три милијарди евра.
Јота неодамна престојуваше во Кувајт каде што беше воодушевен од третманот, обичаите и традициите што ги виде во куќата на неговиот пријател Фајсал, и на крајот одлучи да премине во ислам.
„Алах да те исполни со милост и среќа. Колку е голем благослов да се вратиш кај твојот творец еден месец пред долгоочекуваниот Рамазан. Добре дојде во исламот, брат“, биле зборовите на пријателот на Јота кои ги пренесе Марка.
Јота и Фајсал се познаваат 11 години, кога се запознале во Соединетите Американски Држави. По повлекувањето од светот на фудбалот, тој почнал почесто да посетува пријател во Кувајт, што на крајот резултирало со нивниот деловен однос, но и со одлуката да го прифати исламот.