Полицијата уапси три лица по падот на кабина од жичара во Италија, во која загинаа 14 лица, објави во средата италијанската новинска агенција АНСА.

Несреќата се случи во неделата во италијанскиот регион Пиемонт. Во кабината имало 15 лица, а жичарата за време на несреќата се движела од градот Стреса кон планинскиот врв Мотароне.

Само едно дете го преживеа падот на кабината од жичарата.

Италијанската полиција при истрагата го приведе инженерот на жичарата, директорот на службата и оперативниот шеф на службата.

Истражителите открија дека системот за безбедно сопирање бил „наместен“ за да се избегне доцнење на жичарата, изјави јавната обвинителка Олимпија Боси за АНСА.

Тројцата уапсени извршија „свесна акција“, рече Боси, додавајќи дека за да се избегне запирање на сервисот, на жичарата бил оставен уред кој ги деактивира сопирачките во итен случај, што значи дека безбедносниот систем не се активирал кога пукнал носечкиот кабел.

Уапсените се товарат за убиства од небрежност, предизвикување ненамерна катастрофа и отстранување на инструменти за спречување несреќа.

Боси рече дека апсењето на трите лица е „многу сериозна и вознемирувачка последица од истрагата“. „Убедени дека кабелот никогаш нема да пукне, тие презеле ризик што доведе до фатални последици“, рече Боси.

Жичарата Мотарон, која повторно е отворена пред околу еден месец откако била запрена поради пандемијата на коронавирусот, работела „повеќе дена со многу возења“ со деактивирани сопирачки за итен случај, додаде таа.

Несреќата се случила кога носечкиот кабел попуштил, и тоа во време кога кабината скоро го достигнала врвот. Се срушила во шумата и удрила во дрво.

Жичарата била затворена во 2014 година поради генерален ремонт и повторно е отворена две години подоцна. Ремонтот чинел 4 милиони евра.

Компанијата одговорна за годишните инспекции на жичарата соопшти дека последната проверка за исправност била во ноември 2020 година и покажала „дека нема неправилности“.

Жичарата била прегледана и во 2016 година по реновирањето.